Со 2,3 милиони евра ќе се поправаат грешките во проектот за автопатот Кичево – Охрид

Со 2,3 милиони евра ќе се поправаат грешките во проектот за автопатот Кичево – Охрид

Градежниот институт Македонија (ГИМ) ќе го врши препроектирањето и допроектирањето на утврдените пропусти и недостатоци во проектната документација за автопатот Кичево – Охрид. Како што се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки, Јавното претпријатие за државни патишта издвоило околу 2,3 милиони евра за докомплетирање на проектната документација, со што се отвора вратата за довршување на изградбата на автопатот долг 57 километри.

– Предвидениот временски рок за изготвување на проектната документација изнесува 12 месеци по склучување на договорот – велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.

Изготвувањето на проектната документација е поделено во три фази заради практичност и континуирано градење на самиот автопат. Договорот со ГИМ е склучен на 4 септември годинава.

Идниот проектант ќе треба да ги изработи и докомплетира основните проекти и проектите за инфраструктура за сите пет подделници на автопатот. Обемната листа вклучува препроектирање за стабилизација на косините и санација на свлечиштата долж целата траса, изградба на контролен центар за тунелот „Пресека“ долг 2 километри, нови патни јазли кај Требеништа и Свети Еразмо, денивелација на патиштата поврзани со автопатот, како и проектна документација за идните пристапни правци од околните села до автопатот.

Паралелно на докомплетирањето на проектната документација, на автопатот Кичево – Охрид ќе продолжи изградбата на оние сегменти од трасата што не се спорни во проектот. Кинескиот изведувач „Синохидро“ има рок до 30 јуни 2021 година за да ја заврши изградбата на автопатот. Висината на инвестицијата во овој проект од Коридорот 8 изнесува 598 милиони евра.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …