Во рамките на „Март-месец на жената“, АМСМ jа одржа традиционалната трибина за поголема безбедност во сообраќајот. Целта на овие трибини, кои секоја година се осврнуваат на различна проблематика од сферата на безбедноста во сообраќајот, е да се подигне свеста за безбедноста на припадничките на понежниот пол како активни учеснички во сообраќајот, а преку нив и свеста на семејствата и на помладите генерации учесници во сообраќајот.

На годинашната трибина свој стручен придонес дадоа претставници од сите релевантни институции: Јасминка Ангелова, државен советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Билјана Секуловска-Габер, советник во Град Скопје, а свое видување на проблематиката презентираа и Ангелка Пеева-Лауренчиќ, косопственик и директор на „Имиџ Пи-Ар“, Ружица Антиќ, уредник на женскиот магазин „Портрет”, Вики Ристоска-Чадиковска, маркетинг директор на Државна видeoлотарија и Искра Ристовска, активист од движењето „На точак”.

Во своето обраќање, државниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Јасминка Ангелова рече:

,,Одлична е идејата за популаризирање на велосипедскиот превоз како алтернатива, пред се’ заради намалување на загаденоста во градот. Огромни се придобивките од возење велосипед, особено за нас жените. Сите сакаме да бидеме во форма, да го зајакнеме имунитетот, да го намалиме стресот, а освен тоа позитивно влијае на нашето тело. Како претставник на МВР, најповикана сум да укажам и да предупредам на сите негативности од неправилното користење на велосипедот, со цел намалување и спречување на несаканите последици по нашиот живот и здравје. Недисциплината при возење велосипед и непознавањето на сообраќајните правила и прописи, ги прави велосипедистите една од позагрозените категории на учесници во сообраќајот. МВР превзема зајакнати мерки и активности во врска со прекршоците што ги чинат велосипедистите, особено во дел од сообраќајниците каде има уредени велосипедски ленти, велосипедски патеки, комбинирани површини за велосипедисти и пешаци и поделени патеки за пешаци и велосипедисти. Таму каде што нема посебно уредени патеки, предупредуваме велисипедистите да не се движат покрај левиот раб на коловозот во спротивна насока на движење, да не се движат спротивно во еднонасочни улици, да не влечат приколки, да не водат животни, да ги почитуваат семафорите и сообраќајните знаци, се’ со цел да се намалат последиците од загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, да се едуцираат граѓаните, особено помладите за познавање и почитување на сообраќајните знаци, правила и прописи. Важно е да работиме на подигање на свеста, личната одговорност, заради безбедноста на сите нас. Од нашите податоци за 2018 година, во сообраќајни незгоди има 133 загинати лица и 5.860 повредени, додека со велосипед има 3 загинати лица и 257 повредени. Евидентно е дека учеството во сообраќајот е побезбедно со управувањето на велосипед, но само со целосно почитување на пропишаните правила и прописи“, изјави Ангелова.