Со авионско засејување на облаците, повторно спречена појава на град во повеќе региони во дражавата

Со помош на новата метода со авионско засејување на облаците, во текот на вчерашниот ден, повторно беше спречена појава на град во повеќе региони во државата. Управата за хидрометеоролошки работи активно ја пратеше облачностa и движењето на градоносните облаци, преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште и на загрозените подрачја интервенираше со авионско засејување на облаците. Со брзата и прецизна интервенција, во повеќе региони е спречена појава на град и заштитено е земјоделското производство.

„Во сите региони кадешто е делувано изминатиов период, интервенциите со помош на оваа нова метода, се успешни. Конкретно, по дејствувањето, градоносните облаци, после авионското засејување во понатамошниот тек преминале во појава на дожд. Оваа нова метода за заштита од временски непогоди (град), годинава започна да се применува за првпат и ќе се спроведува на целата територија на нашата држава. Со овој модерен систем на заштита од град ќе се придонесе за заштита на земјоделското производство од временски непогоди и намалување на сумата којашто изминатите години се издвојува за исплата на обештетувања“ изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Ивица Тодоровски, посочи дека во текот на вчерашниот ден успешно е интервенирано во повеќе региони во државата.

„ Нестабилноста прво се јави во Битолскиот регион, кадешто е дејствувано со палки од сребро јодит преку авионско засејување на облаците. Во исто време се започна со дејство и во Гевгелискиот и Неготионскиот регион. Потоа се продлжи со дејствување во Кичевскиот регион, Македонски Брод, Кратово, свети Николе, Велес. Според информациите од нашите радарски центри, секаде во рамничарските делови е спречена појава на град“, изјави директорот Тодоровски.

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски заедно со директорот на УХМ, Ивица Тодоровски и градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, го посетија радарскиот центар Ѓуриште, во Свети Николе. Радарскиот систем за детектирање и следење облачни маси, кој долги години не работеше, од пред две години е поправен и надграден. Инсталирани се нови автоматски современи радарски контролни и мониторинг единици за управување на мерната станица во Ѓуриште. Инсталирана е и новата верзија на софтверскот пакет, а извршена е и целосна калибрација. Токму, надградениот радарски систем овозможи навремена прогноза на појавата на нестабилната воздушна маса која во текот на вчерашниот ден ја зафати територијата на нашата држава и која постепено се поместуваше од југо-запад кон северо-исток.

Прочитајте повеќе

Градоначалникот Христоски на средба со министерот Нуредини, се решава проблемот со крушевската депонија

Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски присуствуваше на средба со министерот за животна средина и …