Пишува: Зоран Милошески

На самиот почеток на новата сезона од ракометната лига на Македонија во кадетска конкуренција, младите ракометари на РК „Прилеп“ најавија дека и оваа натпреварувачка сезона, исто како и минатата, “нишанат“ кон самиот врв. За потсетување, минатата сезона на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во државата, кадетите на РК „Прилеп“ ја освоија шампионската титула.

Кадетската екипа на РК „Прилеп“ се натпреварува во втората од трите групи, која брои 9 екипи. Нивниот тренер Адријано Котевски, вели дека и покрај тоа што речиси комплетната прва постава од ланската сезона премина во прилепскиот суперлигаш, сениорската екипа на РК „Прилеп“, сепак и оваа година екипата поседува висок квалитет.

„Фактот дека во првите 3 кола од новата првенствена сезона остваривме 3 победи, со импресивна гол разлика од 120 : 49, кажува дека повторно имаме респектабилен тим. Она што треба да се истакне е дека најголемиот дел од младите ракометари се родени 2003 година, со што сме една од најмладите екипи во лигата. Моите, како и амбициите на раководството на клубот, се да создадеме играчи од сопствените редови кои со својот квалитет ќе придонесат за враќање на ‘голема врата’ на прилепскиот ракомет, како на домашната, така и на меѓународната сцена. Она што им го пренесувам и на што ги учам децата, а што е уште поважно за мене, е да бидат другари, да се грижат еден за друг, да си помагаат. Да имаат спортски дух и посветено да се борат за целта која ја зацртале, не само во ракометот, туку воопшто и во животот“, истакнува Котевски.

Своите тренинзи, како и натпреварите во лигата, кадетите на РК „Прилеп“ ги одржуваат во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“. За одбележување е дека покрај натпреварувањето во кадетската лига, истата оваа екипа ќе се натпреварува и во младинската лига на Македонија, во која најголемиот дел од играчите на другите екипи се родени од 1998 година, па нагоре. Меѓутоа, според зборовите на стратегот на кадетската екипа на РК „Прилеп“, Адријано Котевски, натпреварувањето во младинската лига нема да биде важно од аспект на постигнување што подобар пласман, туку пред сѐ за собирање искуство кое за младите ракометари ќе биде од непроценлива важност за натпреварите во кадетска конкуренција.