Со импозантен граѓански марш, Прилеп го одбележа Денот на народното востание

Неколку илјади граѓани на Прилеп беа дел од денешниот граѓански марш, кој во чест на 11.Октомври, Денот на народното востание, го организираше Општина Прилеп.

На непрегледната колона од почитувачи на делото на антифашистичката револуција, и’ се приклучија претставници на локалната власт, Сојузот на борци, политички партии, здруженија на граѓани, ученици од прилепските основни и средни училишта, како и официјалните делегации кои полагаа цвеќе на спомениците и спомен обележјата во Прилеп. Во чест на паднатите борци, граѓаните маршираа од меморијалниот музеј „11.Октомври“, односно Участакот, до Паркот на револуцијата каде делегациите се поклонија пред бистите во Алејата на народните херои и положија свежо цвеќе на споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Илија Јованоски рече дека со чествувањето на 78 години од Денот на народното востание 11.Октомври, граѓаните на Прилеп им оддаваат почит на 15-те народни херои и 650-те борци кои ги положиле своите животи на олтарот на татковината.

„Храбрите борци на Прилeпскиот одред отворија нова страница во историјата на македонскиот народ, го испишаа овој датум и Прилеп, градот – херој во историјата на македонската државност. Во народно-ослободителната војна, од прилепско учество зедоа 2.700 активни борци. 15 народни херои и 650 борци од Прилеп – градот херој, ги положија своите животи на олтарот на слободата. Овој ден е симбол на непокорот, вечно сеќавање на непобедените борци, во чија чест денеска го организиравме овој почесен марш, со кој воедно и ја обновуваме традицијата. Сигурно чекориме на патот на евро-атланските интеграции. Со успешното завршување на преговорите, ја остваруваме стратешката цел – да станеме полноправна членка на НАТО Алијансата. На патот на ЕУ ќе не’ води секоја успешна реформа, европски спроведен закон, секоја инвестиција и нови работни места, еднаквост, толеранција, дијалог, заеднички успех и достигнување. Наша обврска е одговорно и напорно да работиме за безбедна, стабилна, економски силна, за Европска Република Северна Македонија. Посветено работиме за економски и инфраструктурно развиен Прилеп, град со можности за подобар живот, подобра сегашност и иднина на генерациите што доаѓаат“, истакна градоначалникот Јованоски.

Претседателот на прилепскиот општински одбор на Сојуз на борци, Круме Соколски потенцираше дека е радосен на денешниот импозантен марш и собир и на тоа што дел од него се голем број млади луѓе.

„На сите вас, на овој според моето паметење најимпозантен собир, ви го честитам 11.Октомври, најголемиот празник на македонскиот народ. После многу неуспешни обиди, НОБ беше првото успешно движење во Македонија. Јас сум и емоционално поврзан со овој простор, но добро е што на ваков собир, најголем и највеличествен во Македонија, учествуваат и млади генерации кои треба да паметат дека најхрабрите, најпатриотските сили скоевци и комунисти, го дадоа својот живот за слободна Македонија, за независна држава“, изјави Соколоски.

Во име на Владата на Република Северна Македонија, обраќање имаше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој напомена дека собирот во Паркот на револуцијата значи упатување достојна почит на сите борци кои треба да бидат пример како се сака и брани татковината.

„Тие се пример за идеологијата што не’ води сите нас и затоа слава им на сите херои што го дадоа животот за Македонија. Денеска го живееме сонот на нашите претци, но истовремено сме исправени пред нов предизвик. Денеска ја градиме Европска Македонија, која почива на темелите на слободата, демократијата и човековите права. Покажавме и докажавме како се сака државата, како се работи за нејзиниот развој и просперитет, за доброто на сите граѓани. Ни претстои период во кој сите заедно мора да се избориме и да ги изодиме клучните чекори за нашата европска интеграција. Друга опција немаме. Оваа земја мора да ја направиме подобро место за живеење, за сите нас, за генерациите што следат. Тежок бил патот на нашите претци за слободна држава, не е лесен ниту сега. Процесите што ги започнавме гарантираат сигурност, стабилност и здрава економија. Токму тоа не’ охрабрува да продолжиме со нашата визија, земјата да ја однесеме таму каде што припаѓа, во европското семејство“, потенцираше Сугарески.

Покрај градоначалникот на Прилеп и претседателот и членови на Советот на општина Прилеп, на денешното одбележување на 11.Октомври присуствуваа делегации и на Претседателот на државата, Владата, Собранието, Армијата, амбасадата на Руската федерација, Сојузот на борци, политички партии, здруженија на граѓани и претставници на неколку локални самоуправи, кои положија цвеќе на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски, споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените, а свежо цвеќе на бистите во Алејата на народните херои, положија членовите на прилепскиот извиднички одред.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …