Заедно со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и директорот на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче, градоначалникот Илија Јованоски изврши увид во функционирањето на поставените фотоволтаични централи за производство на таканаречената „зелена“ електрична енергија.

Градоначалникот Јованоски напомена дека, во соработка со Пелагонискиот плански регион, Општина Прилеп го реализираше проектот „Подобрување на заштитата на животната средина во Пелагонискиот регион, преку искористување на обновливи извори на енергија“, при што на Градскиот пазар и Дневниот центар за лица со церебрална парализа, беа поставени две фотоволтаични централи со моќност од 16 киловати.

„Продолжуваме со мерките за заштита и подобрување на животната средина во градот и општината. Минатата недела ги исплативме субвенциите за инвертор клими и велосипеди, со цел граѓаните што помалку да ги користат огревното дрво и моторните возила. Општина Прилеп ќе продолжи со реализација на вакви и слични проекти, се’ со цел да имаме подобрување на животната средина и подобар живот за граѓаните од нашата општина“, изјави градоначалникот Јованоски.

Министерот Горан Милевски истакна дека Пелагонискиот плански регион во Министерството за локална самоуправа аплицирал со повеќе проекти од областа на заштитата на животната средина, а дел од нив се двете фотоволтаични централи во Прилеп.

„Вредноста на проектот е 3.3 милиони денари кои се обезбедени од Министерството, со учество и на локалната самоуправа на Општина Прилеп. И понатаму ќе поддржуваме проекти за заштита на животната средина, бидејќи со овој проект во Прилеп, Пелагонискиот регион ќе биде заштитен од испуштање на минимум 56.000 килограми CO2, а ЈКП ‘Пазари’ и Дневниот центар за церебрална парализа ќе направат заштеда на средства за потрошена електрична енергија“, потенцираше министерот Милевски.

„Овој проект го реализиравме со Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој, а иницијатор и најзаслужен за реализацијата на проектот е градоначалникот на општина Прилеп. Во 2019 година имавме одобрено проекти од околу 40 милиони денари за целиот Пелагониски регион, во кој беа вклучени сите 9 општини. За оваа година имаме одобрено проекти во висина од 38 милиони денари, а секако дека тука е вклучен и Прилеп со набавка на едно комунално возило за собирање на отпад“, рече директорот на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче.

Главна цел на проектот е, со поставување на двете фотоволтаични централи во Прилеп, да придонесе кон заштита на животната средина во Пелагонискиот регион, преку искористување на обновливите извори на енергија.