Во понеделник 18. февруари, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе го одбележи својот 69 .роденден. За таа цел, прилепскиот ансамбл ќе ја одигра претставата „Пиреј“ од Петре. М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

„Пиреј“ е приказна за трагичната судбина на Јон и Велика, чија судбина е синоним за неуништливоста на македонскиот народ и неговото страдање. Во претставата играат Марија Спиркоска Илиjеска, Александар Степанулески,  Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Даниела Иваноска, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Димитар Вандески, Цветанка Чавлеска, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Александар Тодески, Виктор Мирчески и Давид Папазоски.

Сценографија е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а автор на музиката е Димитар Андоновски.

Завесата во театарот за првпат се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.

Низ годините театрот ,,Војдан Чернодрински“ растел  и се развивал. Прикажани се над 370 премиери, одиграни над 7000 претстави кои ги гледале околу 2 милиони луѓе.

Меѓу претставите кои низ годините останале запаметени, се најгледаната “Солунски патрдии”, „Од кол на кол“, „Силјан Штркот”, „Кумови”, „Собирен центар”, „Туѓо сакаме свое не даваме”, ККолобан”, „Молам за секс”,  „Спиро Црне”, „Арсениј”, „Полковникот птица”, „Опера за три гроша” и многу други.

Изминатите години театарот освои бројни награди не само на фестивалот „Војдан Чернодрински“, туку и на фестивалот „Ристо Шишков“, на ЕКСПОНТО во Љубљана, МЕСС во Сараево, на фестивалот на актерот во Никшиќ. Со бројни награди се закитиле претставите „Тапани во ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“,  „Змејовата невеста“, „Клетници“ и др.

Во годината кога се одбележуваат 69 години од основањето, театарот со поддршка на Министерството за култура ќе реализира четири премиери, а на редовниот репертоар се наоѓаат неколку претстави.