собрание

Со кавги започна комисиската расправа за петте предлог-закони со ЕУ знаменце

Комисијата за европски прашања ќе треба да ги разгледа сите пет предлог-закони, кои Владата ги достави до Собранието откако претходно ги усвои на владина седница, минатиот петок

Започна расправата во собраниската Комисија за европски прашања за петте предлог-закони кои Владата ги достави до Собранието со „европско знаменце“. Пратениците од власта и опозицијата уште на првата точка, во однос на предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи, жестоко се искараа.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков во своето обраќање пред комисијата рече дека измените и дополнувања на овој закон се само за бизнис интереси кои водат лично до неизбраниот премиер Димитар Ковачевски и Артан Груби. Тој обвини дека целата постапка на донесување на законите е со понижување на Собранието и девастирање на работничките права кои ги има во Македонија.

„Ова е враќање во средновековието“, обвини пратеникот Лефков.

Тој побара од владејачкото мнозинство да се прифатат амандманите кои ги поднесува опозицијата и да се стопира огромната штета што може да биде нанесена на работниците и работничките права од предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи.

Пратеничката од СДСМ, Даниела Колева одговори дека сите клучни закони се опструираат од опозицијата, напоменувајќи дека никаде во предложените законски измени не фигурира дека работниците ќе работат 60 часа или 72 часа неделно и дека ова е измислица на ВМРО-ДПМНЕ. Колева посочи дека во законот ќе се регулира работниот однос, односно прекувремените часови со писмена согласност на работникот, нешто што како можност постоело и досега.

Колева појасни дека предложените закони се носат со европско знаменце, бидејќи наспроти нив има деструктивна опозиција која досега не поддржала ниту еден стратешки проект.

Инаку, Комисијата за европски прашања допрво ќе треба да расправа за преостанатите точки, кои ги вклучуваат предложените измени на Законите за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење и за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола).

Овие предложени законски измени Владата ги испрати до пратениците, откако претходно изминатиов петок беа усвоени на владина седница.

Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д, по што тие се најдоа пред Комисијата за европски прашања.

Прочитајте повеќе

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Според анализите се очекува отворањето на супермаркетите „Конад“ да придонесе во отворање на нови работни …