Со концерт на Влатко Стефановски и претставата „Макбет“ на МНТ, отворен МТФ „Војдан Чернодрински“

Со претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ а во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје, синоќа беше отворен 54.Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски рече дека театарската сцена е место од каде извираат безвременски пораки, мудрости и вредности, вткаени во ризницата на нашето богато културно творештво.

„Свесен дека стојам пред градот кој има силен идентитет, кој се препознава по инспиративните културни и духовни вредности, кој е ризница на историско и културно паметење преточено во феноменот – театар. Затоа оваа тема внимателно ја промислуваме и одлучуваме преку анализа на специфичните околности на времето во кое живееме. На нашиот град како субјект со силни културни пулсирања, овој проект му го должиме“, истакна градоначалникот Јованоски.

Наградите за животно дело годинава им припаднаа на режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку.

„Глупаво би било да потсетам дека Прилеп е град на моето детство. Бос го имам шетано по браздите, на Селечка, на Маркукуле и така натаму. Го памтам Прилеп како повеќето овде во салата веројатно не го паметат и секогаш кога ќе дојдам во Прилеп сум посебно возбуден. Тоа се случуваше и подоцна кога доаѓав да правам претстави и се надевам дека уште еднаш барем, ќе се видиме во театарот“, потенцираше Владимир Милчин.

 

„Во осумдесеттите години имав среќа кај мој пријател да сретнам една стара баба која го славеше 103 роденден. Ја прашав дали се многу 100 години живот? Таа ме погледна, се насмевна и рече:’Да, влези преку врата, излези преку прозор’. Тогаш ми беше чуден нејзиниот одговор, оти си мислев дека 100 години е многу. Но сега кога мислам каде ми поминаа овие 45 години на сцена, колку пати сме играле на оваа сцена, колку пати сме биле наградени., можеме сѐ да заборавиме. Само јас, драга публико, никогаш нема да го заборавам искрениот аплауз кој секогаш сум го добивал од вас“, нагласи добитникот на наградата за животно дело, Бајруш Мјаку.

Фестивалот за отворен го прогласи заменикот министер за култура, Владимир Лазовски.

„Прилеп по 54.пат е нашата најголема театарска арена, од каде врвните македонски уметници ги испраќаат своите пораки кои со илјадници години наназад докажуваат дека се едни од најсилните корективи на актуелните општествени случувања. Во, само за Прилеп, автентичната фестивалска атмосфера, професионалните продукции ги претставуваат своите најнови претстави, се натпреваруваат пред стручното жири и критиката, но и пред публиката, најбројното жири со истанчен вкус, но и со најискрена љубов кон театарџиите. Со искрена желба за уште едно успешно издание, го прогласувам македонскиот театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’ за отворен“, изјави Лазовски.

На годинешното 54. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, во официјалната програма ќе бидат прикажани 8 претстави. За прв пат на Фестивалот, можност да гласа ќе има и публиката, а на претставата која процентуално ќе собере најмногу гласови, Општина Прилеп ќе ѝ додели награда.

Истовремено, после подолга пауза на фестивалот се враќаат и „тркалезните маси“, кои ќе се одржуваат веднаш после завршувањето на секоја од претставите во официјална конкуренција.

На синоќешното отворање, прилепската публика ја имаше ретката можност да присуствува на концертот на еден од најдобрите гитаристи на пошироките простори, Влатко Стефановски.

Фестивалот ќе трае до 15 јуни, кога на најдобрите ќе им бидат доделени наградите, а во нивна чест Македонскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Силјан Штркот Шанца“.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …