Со кредитот од Светска банка, со вториот повик ќе се реконструираат 35 улици и локални патишта низ општините

Во 21 општина низ земјава и Градот Скопје ќе се реконструираат 35 улици и локални патишта, информираше министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски на денешната прес-конференција. Станува збор за вториот повик до општините за изведба на градежни работи за подобрување на инфраструктурата, со кој вкупно ќе се реконструираат 35,5 километри патишта и улици во вредност од 7 милиони евра.

Министерот Бочварски рече дека повикот за доставување понуди од градежните компании е 8 април 2021 година, со кој ќе се изберат најповолните понуди за изведба на локалните патишта и улици. На територијата на Град Скопје, со вториот повик ќе се избере изведувач за реконструкција на првата фаза од булеварот Киро Глигоров во општина Гази Баба.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека првиот повик за реконструкција на улици и локални патишта низ општините е завршен, склучени се договори со изведувачите и кон крајов на овој месец ќе започне реконструкцијата на 27 улици и патишта во 17 општини.

Вкупно, со двата досегашни повици се инвестираат над 11 милиони евра во реконструкција на 62 улици и локални патишта низ земјава. Министерот Благој Бочварски апелираше до општините навремено да доставуваат квалитетни проекти и техничка документација за нив, што ќе овозможи да добијат средства од кредитот што го зеде државата од Светска банка во висина од 70 милиони евра.

Бочварски повтори дека средствата за реконструкција на локални патишта и улици во општините се неповратен грант, што значи дека општините нема да треба да ги враќаат подигнатите финансии кон државата и Светска банка. Тој исто така напомена дека самите општински власти вршат избор кои улици и локални патишта ќе им бидат приоритет во санацијата, но и дополни дека услов за нивното искористување е доставувањето на квалитетна проектна документација.

Во Министерството за транспорт и врски во моментов го изработуваат третиот повик до општините, на кој локалните самоуправи ќе можат да достават документација за реконструкција на нови улици и општински патишта.

Во однос на поединечни општини, министерот Бочварски во одговор на новинарско прашање рече дека за Општина Арачиново се предвидени 554.000 евра од кредитот од Светска банка за реконструкција на улици и локални патишта, но средствата за оваа намена ќе им бидат одобрени и распределени единствено доколку достават проектни документации.

Договорот меѓу Министерството за финансии и Светската банка, со кој се обезбедија 70 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини во земјава, беше потпишан кон крајот на декември 2019 година.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …