Со новиот Закон за тутун, ќе бидат укинати “белите картони“

Пишува: Зоран Милошески

Подрачното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство од Прилеп, како регион каде производството на тутун е најголемо во државата, денеска на прес конференција ги информираше граѓаните за измените на висината на субвенциите за предадениот тутун од ланската реколта.

Зоран Пачешкоски, овластениот раководител на подрачното Министерство, рече дека субвенционирањето се воведува на три нивоа, при што за првата класа ќе изнесува 80 ден/кг, за втората 70 а за третата и четвртата класа 60 ден/кг. Зголемени субвенции ќе добијат сите тутунопроизводители кои до крајот на откупот, 15 март, ќе го предадат тутунот во една од деветте компании кои вршеа откуп. Истовремено, тој истакна дека покрај директната поддршка на тутунарите, се подготвуваат и измени во Законот за тутун и тутунски производи.

„Со новиот Закон, од следната година ќе бидат укинати евидентните листови, или таканаречените “бели картони“, што значи дека тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија и на тој начин ќе им се олесни процедурата. Минатата година за општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани беа издадени 10.800 “бели картони“, а за оваа година се очекува нивниот број да биде уште поголем. Како потврда на кажаното, е податокот дека за само една недела во подрачната единица издадовме 2.800 евидентни листови“, изјави Пачешкоски.

Просечната откупна цена за тутунот од минатогодишната реколта изнесува 217 денари, а досега се откупени околу 23.000 тони тутун. Очекувањата се дека во следната реколта, тутунот во регионот ќе биде засаден на површина од околу 8.000 хектари и дека ќе бидат откупени близу 13.000 тони тутун.

Прочитајте повеќе

Дизелот поскапува за 2 денара, бензините остануваат со истата цена

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ) донесе одлука за …