Со објавениот Извештај, Државниот просветен инспекторат ја девалвира наставничката професија

Со објавениот Извештај, Државниот просветен инспекторат ја девалвира наставничката професија

Пишува: м-р Анита Ангеловска

Апатијата која подолго време е присутна меѓу наставниот кадар во основните и средните училишта заради многуте реформи и обиди да се подобри образованието, како клучен сегмент на секое општество, дополнително ја продлабочува извештајот кој го објави Државниот просветен инспекторат за работата на наставниците.

На повеќето медиуми се појави веста дека најслаба страна во училиштата било оценувањето, изготвувањето критериуми за оценување и дека најголем број од наставниците не оценувале објективно. Односно, оценките ги ваделе од ракав. Ако ова “тврдење“ кое беше споделено го преточиме во бројки, имајќи ги предвид Индикаторите за квалитет на работата на училиштата – документ кој го користи Државниот просветен инспекторат, тогаш констатацијата „најголем број“ во превод значи повеќе од 80 отсто од наставниците.

Со други зборови, доколку податоците во извештајот се аргументирани и релевантни, тогаш значи дека образованието ни е пред колапс. Особено ако знаеме дека оценувањето е составен дел од триаголникот поучување – учење – оценување, во кој оценувањето е составен дел од наставниот процес и не ги исклучува другите две компоненти. Донесувајќи ваква констатација, всушност, се навлегува во основните наставнички компетенции и се имплицира дека процесот на настава не функционира добро. А тоа, уште повеќе ја деградира наставничката професија и го загрозува интегритетот на наставникот, кој и онака во изминатиот период се наоѓа на маргините на општеството и служи како заморче за експерименти и реформи. Притоа, без воопшто да биде консултиран за вистинските проблеми со кои секојдневно се соочува, обидувајќи се да се носи со сите промени, а истовремено да го сочува достоинството на професијата.

Ако слаба страна во образованието е оценувањето, односно изготвувањето критериуми за оценување, а сите наставници во изминатиот период поминаа обуки за формативно и сумативно оценување, кое пак стана дел од формалното образование на наставниците, тогаш што останува за “теренот“ на кој наставниците навистина се чувствуваат несигурни во својата работа? Зарем сега, во екот на измена на законската регулатива, промени на наставните програми, изготвување на национални стандарди, оценувањето е проблем? Изготвувањето критериуми за оценување се прави врз основа на стандардите и критериумите дадени на веб страницата на БРО, кои се направени врз основа на наставните програми. Ако наставните програми се нови, тогаш стандардите за оценување се застарени, затоа што се правени врз основа на старите наставни програми.

Не сум сигурна дали ова “тврдење” се однесува на оценувањето како процес, или на изведувањето сумативна оценка. Ако е на првото, тогаш би рекла обратно – најголем дел од наставниците при оценувањето користат инструменти за оценување: бодовни листи, чек листи, скали за проценка, даваат конструктивни усни и пишани повратни информации, го следат напредокот на учениците индивидуално и во група и го планираат оценувањето во своите планирања. Изведувањето на оценките е нешто друго. Тие треба да се базираат на формативното оценување кое се спроведува континуирано, во текот на наставниот процес. Но, врз оценката многу често влијаат и други фактори, внатрешни или надворешни, кои повторно го загрозуваат интегритетот на наставникот во неговата работа. Загрижена сум дека оваа оценка од Државниот просветен инспекторат дополнително ќе ја обремени приказната со објективноста во оценувањето и ќе ги зголеми притисоците во оценувачките периоди, бидејќи наставниците “и онака не знаат“ да оценуваат.

Почитувани инспектори, не заборавајте дека најголем дел од вас некогаш бевте наставници и веројатно многу добро ја знаете комплексноста на оваа професија, која има за цел да воспитува и да образува. Не заборавајте дека вашата мисија како институција не е само да го следи применувањето на законската регулатива, туку и да влијае врз подобрување на квалитетот на воспитно – образовниот процес. А за да се случи тоа, потребно е да се набљудува аналитички, не холистички. На наставникот му треба поддршка и усогласеност во барањата на релевантните образовни институции, не критики. Не го збунувајте со двојна документација, затоа што многу често барањата на ДПИ не се усогласени со препораките од советниците од БРО. Дајте му поддршка да ги интегрира сите аспекти од процесот и притоа да се чувствува успешен и мотивиран.

Дали се запрашавте како денешниот наставник се носи со промените во системот и во општеството? Колку му е лесно или тешко да планира и да реализира настава, во која треба да има технологија која не функционира, да има активности за меѓуетничка интеграција, екологија, воннаставни и слободни ученички активности кои многу често бараат дополнителни ресурси, да ги вклучи родителите, локалната заедница, бизнис секторот, да прави проекти, да учествува во стручни активи, тимови, екскурзии…?

Како се справува со учениците со посебни образовни потреби? Што сè прави за да се чувствува успешен во работа со учениците со попреченост? Како се справува со врсничкото насилство кое е присутно во некои училишта? Како да им помогне на талентираните ученици да напредуваат? Како се справува со социјалните аспекти во училницата, во која секое дете е личност со проблеми и посебна приказна? Како се справува со себе во борбата за опстанок? Зошто наставникот се чувствува фрустрирано во овој систем, во кој вложува секојдневно во својот професионален развој, но кариерното напредување каска во место? Како се справува со „авторитетите“ кои ги управуваат образовните институции и со мобингот кој умешно се става под тепих?

Доколку навистина констатиравте дека оценувањето е слаба страна, дали направивте анализа зошто е така? Можеби затоа што системот бара петки, а не квалитет? Или затоа што училиштата се соочуваат со недостиг на деца? Многу прашања отвора вашиот извештај, а не сум сигурна дали имаме одговор на сите нив. Тврдењето дека најголемиот број наставници “ги тресат“ оценките од ракав, сериозно ја девалвира наставничката професија и ја разнишува довербата во образовниот систем, кој треба да биде темел на секое општество.

Прочитајте повеќе

„Нема откажување од иднината“ - СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

„Нема откажување од иднината“ – СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори (Видео)

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска …