Со поставувањето на тревникот, започнаа завршните работи на прилепскиот храм на фудбалот, Градскиот стадион „Гоце Делчев“

„Спортската гордост на најфудбалскиот град во нашата држава, храмот на фудбалот, Градскиот стадион ‘Гоце Делчев’, полека го добива финалниот изглед. Со поставувањето на тревникот, ја започнавме последната фаза од комплетната реконструкција на стадионот. Според планот, очекувам дека до крајот на следната недела ќе завршат сите активности за поставување на новиот тревник. Со тоа, Градскиот стадион ќе добие еден сосема нов лик, по теркот на современите фудбалски арени ширум Европа“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес конференција одржана на Градскиот стадион „Гоце Делчев“.

Градоначалникот потсети дека Градскиот стадион во Прилеп бил поприште на стотици и стотици натпревари од домашен и меѓународен карактер, а на него истрчале фудбалски имиња со светско реноме, кои пред најфудбалската публика во поширокиот регион ги прикажале своите мајстории во „најважната споредна работа на светот“.

„Токму на задоволство на таа публика, но и на радост на многу генерации фудбалери на „Победа“, тренери, спортски работници и новинари, најреномираниот спортски клуб во Прилеп се враќа таму каде му е местото. После цели 4 години, „Победа“ своите натпревари ќе ги игра овде, на Градскиот стадион ‘Гоце Делчев’, со можност за нивно одигрување под светлото на рефлекторите. Се надевам и верувам дека тоа ќе биде првиот чекор кон враќање на клубот на старите патеки. Помошта на локалната самоуправа на Општина Прилеп нема да изостане, а ја очекувам и помошта од бизнис заедницата која треба да покаже општествена одговорност и да им подаде рака на играчите, тренерите и раководството на клубот. Само така, со заеднички сили и несебична помош, ‘Победа’ ќе ја вратиме таму каде и’ е местото: во самиот врв на македонскиот фудбал и на меѓународната сцена“, нагласи градоначалникот Јованоски.

На денешниот настан присуствуваа голем број поранешни и актуелни фудбалери, спортисти и спортски работници, кои на тој начин го искажаа своето задоволство што, после подолго време, храмот на фудбалот им се враќа на фудбалерите, но и на граѓаните.

Хроничарот на прилепскиот фудбал, спортскиот новинар Миле Талески кој 70 години пишува за ФК „Победа“, не ја криеше возбудата што стадионот прераснува во модерен спортски објект, каков што Прилеп заслужува да има.

„Уште 12-13 дена, ќе наполнам 82 години, ама верувајте дека ова ќе ми биде еден од најсреќните денови во животот. Да бидеш најфудбалски град во земјата е голема работа, кога секој втор човек на земјината топка е љубител на фудбалот. За ‘Победа’ и за Прилеп, стадионот значи живот. Овде рекордот е 22.760 продадени карти, за натпреварот меѓу ‘Победа’ и ‘Беласица’. Еве, ја сочувал фотографијата најстариот жив фудбалер, Кирил Атанасоски-Бикерес. Овде имаше багрем, тој трчаше побрзо од сенката, ќе појди и ќе дај гол“, изјави новинарот Талески, потсетувајќи се на времињата кога секој фудбалски натпревар, прилепчани до крај го исполнуваа капацитетот на стадионот „Гоце Делчев“.

„Еве сега се најдоа сили да се направи стадионот и мислам дека посетата повторно ќе биде голема. Прилеп беше петти град во бившите југословенски простори според бројот на публика. Тврдам дека сега пак истото ќе дојде. Прилеп има традиција, сите заедно да помогнеме да се врати фудбалот“, вели поранешниот голман и тренер во ФК „Победа“, Круме Митрикески.

„На сите ни е голема чест кога ќе ни речат дека сме од најфудбалскиот град во Македонија. Меѓутоа на сите ни беше многу криво кога знаевме дека немаме стадион. Сега, ова е за нас една гордост, особено за играчите. Знам дека ќе биде нешто повеќе, да не речам дека со резултат од 1:0 ќе влегуваме на секој натпревар овде. Бидејќи знаеме сите, еве овде имаме сведоци, многу повозрасни од мене, кои можат да потврдат дека противничките екипи во Прилеп тешко играат фудбал. Голема благодарност до локалната самоуправа, до Фудбалската федерација, до сите кои помогнаа за овој проект, за да денес го видиме стадионот вака зелен. Уште еднаш, големо благодарам и во име на играчите и во име на оние генерации кои идат“, истакна поранешниот фудбалер и актуелен шеф на стручниот штаб на ФК „Победа“, Дарко Крстески.

Последниот натпревар на стадионот „Гоце Делчев“ беше одигран пред точно 50 месеци, односно пред повеќе од 4 години.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …