Со ребалансот на буџетот, повеќе средства за еколошки и образовни проекти во општина Аеродром

Советот на Општина Аеродром го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година, со кој се пренаменија повеќе средства за проекти за заштита на животната средина и за подобрување на условите за образование и воспитание на децата.

„Заштитата на животната средина претставува врвен приоритет за нашата општина. За таа цел, со ребалансот на буџетот одвоивме средства за 4 нови еколошки проекти, со кои очекуваме да се подобрат условите за поквалитетен живот на граѓаните“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Дополнителните средства ќе овозможат реализација на два нови проекта за хортикултурно и партерно уредување на зелени површини, и тоа на булеварите „Јане Сандански“ и АСНОМ зад ФФМ, како и комплетна реорганизација на комуналната служба.

Преку ребалансот се обезбедија средства и за изградба на пет нови детски игралишта и за реконструкција и одржување на постојните детски и спортски игралишта, што ќе опфати поставување нови подлоги и нови реквизити, додека улиците во Горно Лисиче ќе добијат хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

Покрај еколошките проекти, со ребалансот се предвидени и мерки во борбата со КОВИД-19. Секое училиште од општината ќе добие по 500 000 денари за хигиена и тековно одржување и по 246 000 денари за награда на наставниот кадар, стручните служби и техничкиот персонал во услови на пандемија, а 4 основни училишта ќе добијат проекти и сеизмички елаборати за нивна доградба, во висина од 4 200 000 денари. Исто така, обезбедени се средства и за образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби од 1 до 3 одделение во износ од 15 000 денари.

Што се однесува до детските градинки, секоја од нив од Општината ќе добие по 1 000 000 денари за хигиена и тековно одржување и 18 000 000 денари за одржување и санација на зградите на детските градинки, а ќе се скрати и рокот за доградба на детската градинка „Црвенкапа“, која ќе почне кон крајот на годинава.

Исто така, предвиден е и нов проект во вредност од 260 000 денари, преку кој на учениците со посебни потреби ќе им се овозможат пливачки активности со инструктор.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …