Со реконструктивни активности до нов лик на ООУ „Добре Јованоски“

Промена на подовите во училниците, ходниците и скалите, заменети врати од училниците, обичните светилки заменети со лед светилки, комплетна замена на старите клупи и столчиња со нови, нова дограма и набавка на нагледни средства, се дел од инвестициите во ООУ „Добре Јованоски“, кои на училиштето му дадоа нов лик.

„Во изминатите три  години во ООУ ‘Добре Јованоски’ се реализираа голем број на проекти, меѓу кои и промена на дограмата, проект од амбасадата на Јапонија во висина од 50.000 евра, а со средства на локалната самоуправа пренаменети се две простории во училници. Отворен е дневен престој, во сите училници се обезбедија нови клупи и столици, променети врати, а реконструирани се и санитарните јазли. Со финансиска помош на Секретаријатот на Владата, преку проектот за енергетска ефикасност, променета е дограмата  во подрачното училиште во вредност од 900.000 денари, а исто така реконструирани се и таваните и подовите во училиштето. Набавени се машини за хемиско чистење на подови, како и принтери, телевизори, наставни средства и помагала, а за прв пат во дворот на училиштето изградивме летна училница“, посочи Сузана Дарковска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“.

Во насока на подобрување на условите за следење на онлајн наставата, за учениците од социјално ранливите семејства преку разни донации на Општина Прилеп и општествено одговорни компании, набавени се поголем број на таблет компјутери.

Што се однесува до инвестициите за тековната 2021 година, Дарковска најавува дека оваа година основното училиште ќе добие нова фасада со енергетска ефикасност, а комплетно ќе биде уреден и задниот дел од училишниот двор.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …