Земјите што први започнаа со процесот на вакцинација можат да достигнат колективен имунитет за два до пет месеци од сега со тоа што ќе вакцинираат од 75 до 85 проценти од населението. Но, според податоците на „Блумберг“, со просечно 4,7 милиони дози администрирани дневно, ќе бидат потребни 6,7 години за да се вакцинира 75 отсто од светското население. За да го постигнат тој процент повеќето европски земји, ќе бидат потребни помеѓу две и пет години.

Hеодамна Антонио Гутереш, генералниот секретар на ООН, изјави дека само 10 земји во светот администрирале 75 отсто од достапното снабдување со вакцини против ковид-19, а повеќе од 130 земји не ги добиле ниту првите дози. Според него, не е фер што толку малку земји го контролираат најголемиот дел од резервите на вакцини во светот.

Слична изјава претходно даде и генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус.

Систем на сврзани садови

Според професорот Драган Даниловски, богатите земји во ситуацијава, ја искористиле предноста што се богати.

„Наоѓајќи се во посебна психоза, една состојба на грозничаво настојување да се дојде до вакцини по секоја цена за сопственото население, богатите ја искористија својата предност што се богати“, вели Даниловски.

Според него, не може да им се замери за тоа бидејќи е легитимно право секој прво да си се погрижи за сопствениот двор.

„Од друга страна, производителите на вакцини се водат од единствениот вистински мотив – профитот. Затоа се распаднаа како балони од сапуница сите првично прифатени принципи при основање на КОВАКС механизмот, за фер и правична достапност на вакцините и за сиромашните земји. Беа оставени сами на себе“, вели Даниловски.

Но, додава тој, многу лесно може да се случи, ваквите одлуки да имаат негативни последици и за земјите кои се во понапредна фаза на вакцинација.

„Зошто? Зашто ќе сфатат дека сите на планетава сме делови од еден затворен систем на сврзани садови. Не треба посебна експертиза да се сфати што тоа значи во услови на пандемија“, потенцира професорот.

Има ли државата капацитет за масовна вакцинација?

Над 75 отсто од населението во Република Северна Македонија, според последниот попис изнесува околу 1,5 милиони лица. Со сегашниот капацитет од 2.500 вакцинирања дневно, ќе бидат потребни нешто помалку од две години за да се администрира само една доза.

Но, професорот Даниловски смета дека вкупниот број на населението изнесува нешто повеќе од 1,6 милиони, а досега контакт со вирусот имале околу 700.000 кои што нема потреба да се вакцинираат во оваа фаза бидејќи нив ги штити клеточниот имунитет. Ако од оваа бројка се одземат младите кои не се вакцинираат против ковид-19, тој претпоставува дека за да се стекне државата со одредено ниво на имунитет преостанува да се вакцинираат најмалку 387.500 лица.

„Со дневна динамика од 2.500 вакцинирани, тие би биле вакцинирани за 155 дена (пет месеци)“, вели Даниловски додавајќи дека ова е пресметка за давање само на првата доза.

„Се разбира, овој период пропорционално ќе биде подолг, имајќи предвид дека на секој граѓанин треба да му се даде и втора доза. Инаку, на возраст од над 65 години, се околу 290.000 луѓе во државата“, вели професор Даниловски.

Индикатор за тоа колкав е капацитетот на државата кога е во прашање здравствената криза, може да биде и бројката на направени ПЦР тестови од почетокот на пандемијата. Така, според податоците од Институтот за јавно здравство, за нецела година се направени нешто повеќе од 500.000 ковид-19 теста, или во просек околу 1.400 дневно вклучуваќји ги и тестовите направени во приватните лаборатории.

Извор:МЕТА