На државјаните на Русија и Белорусија од 1 ноември годинава ќе им бидат потребни визи за престој во Црна Гора. Владата го продолжи безвизниот режим за Русите и Белорусите до 31 октомври, како и за државјаните на Кина, Турција и Саудиска Арабија.
Усогласувањето на визната политика со Европската Унија е барање на Брисел преку завршните мерила од Поглавјето 24 (правда, слобода и безбедност).
Според владината уредба, државјаните на наведените земји до крајот на октомври можат да престојуваат во туристички групи до триесет дена или со деловен пасош на својата земја и со гарантирано враќање.
Поради инциденти, а потоа и протести на граѓаните во дел од Подгорица, на крајот од 2025 година на турските државјани прво им беше укинат безвизниот режим, а потоа престојот без виза беше скратен од 90 на 30 дена.
Според Реформската агенда, Црна Гора целосно ќе ја усогласи својата визна политика со Европската Унија до крајот на следната година, додека за дел од земјите и за првите чекори рокот е крајот на третиот квартал од 2026 година.
Дали визите ја загрозуваат економијата?
Но, каде е балансот меѓу европските барања, безбедноста и економските интереси на Црна Гора? Зашто, странските државјани станаа значаен дел од економскиот живот на оваа мала држава.
Бојан Бугарин, експерт за статусни прашања на странци и мигранти, за ДВ вели дека усогласувањето на визната политика со ЕУ е стратешка цел која нема алтернатива, но тоа „не значи дека секоја европска политика мора да ја применуваме без да размислуваме за нашите специфичности“.
Тој додава дека официјална Подгорица мора да биде особено внимателна кон Русија и Турција, бидејќи руските туристи минатата година оствариле 16,4 проценти од вкупниот број ноќевања на странски гости, а Турците 4,3 проценти.
„Ако на некого му воведеме виза, а истовремено не му ги олесниме процедурите за престој, основање компанија или деловно работење, тогаш ризикуваме да избере друга земја“, вели Бугарин.
Како што додава, проблем за странците не се правилата, туку честите промени на правилата. Тогаш оние кои веќе инвестирале, купиле недвижност, основале компанија и почнале да градат живот имаат чувство дека условите дополнително се заоструваат.
„Не е добро поради поединечни злоупотреби да го отежнеме животот на секој странски инвеститор или претприемач. Црна Гора треба да биде земја што привлекува квалитетни странци, а не земја што ги поттикнува да заминат поради административни бариери“, истакнува Бугарин.
Хрватска како добар пример
Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година, а својата визна политика мораше да ја усогласи со европската најдоцна три месеци пред членството. Тогаш воведе визен режим за државјаните на Русија, Турција и други земји.
Паралелно со тоа, максимално го олесни издавањето визи, па, на пример, за руските државјани беше воведена можност барањата да ги поднесуваат преку акредитирани туристички агенции и визни центри. Процесот траеше само неколку дена, а беше овозможено и издавање повеќекратни визи.
Ова е модел за кој треба да размислува и Црна Гора, вели Бугарин и предупредува дека Црна Гора е многу помала економија од Хрватска и повеќе зависи од туризмот, поради што во преговорите со европските партнери би морала да ги заштити своите интереси.

Црногорскиот пасош ќе биде поатрактивен по влезот во ЕУ
Може да се очекува дека со влезот на Црна Гора во Европската Унија значително ќе порасне интересот за црногорско државјанство, особено кај луѓето од Србија, Босна и Херцеговина или Турција кои имаат потекло од Црна Гора.
„Пасошот ќе биде поатрактивен, но вредноста на тој пасош ќе зависи и од тоа како ќе го уредиме процесот на стекнување државјанство и како ќе управуваме со тој ресурс“, предупредува Бугарин.
„Црна Гора треба да создаде сериозна и ефикасна политика кон дијаспората и луѓето со црногорско потекло“, смета тој.
Црногорскиот пасош се наоѓа на 34. место на глобалната ранг-листа за мобилност, која го мери бројот на дестинации достапни без виза или со олеснети процедури за влез.
Во регионот подобро рангирани се пасошите на Хрватска, која е на петтото место, додека пасошите на Србија и Северна Македонија се веднаш пред црногорскиот – српскиот е на 32., а македонскиот на 33. место. Албанскиот пасош и пасошот на Босна и Херцеговина се на 40. место, а патната исправа на Косово на 53. позиција.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место