Со запазување на сите пропишани протоколи, прилепските градинки ги отворија вратите за прием на децата

„После денешната обиколка на детските градинки, можам да кажам дека сум задоволен од она што го видов. Во сите градинки се почитуваат мерките на претпазливост кои што ги препорача Комисијата за заразни болести. На влезот во градинките се мери телесната температура, во градинката ‘Гоце Делчев’ каде се припрема храна, се контролира редот и се води сметка за сите оние кои влегуваат во кујната, да бидат опремени со соодветна заштитна опрема. Од сето она што го видов, сакам да им порачам на родителите да не се грижат, затоа што децата ги носат на безбедно. Персоналот на градинките е заштитен со потребната заштитна опрема, носат маски и визири, а се врши и потребната дезинфекција“, изјави градоначалникот Илија Јованоски на првиот ден од почетокот со работа на детските градинки при ЈОУДГ „Наша иднина“- Прилеп.

Градоначалникот Јованоски истакна дека, според планираниот капацитет на градинките за работа во новонастанатите услови на пандемија, тие се исполнети со 30%, но дека овој број ќе се зголемува во следните денови, кога родителите ќе стигнат да ја набават потребната документација.

Посакувајќи им успешна воспитно-образовна година на сите деца кои ќе престојуваат во градинките, Јованоски потенцираше дека изградбата на новата градинка во населбата „Точила“ со капацитет за близу 300 деца, се одвива според планот, односно дека следната година во ова време, градинката ќе биде ставена во функција.

„Градинката ќе се гради во 2020 и 2021 година, онака како што ја изгласа и Советот на општина Прилеп. Во текот на овој месец ќе биде објавена јавната набавка, а во текот на следната година, со почетокот на школската година, градинката ќе биде ставена во функција. Со ова, сакам да ги демантирам искажаните невистини од страна на одредени ТВ куќи и новинари. Уште еднаш да потенцирам, дека станува збор за двегодишен проект и дека следната година во ова време она што го ветив ќе се случи и дека таа ќе биде пуштена во употреба“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Директорот на ЈОУДГ „Наша иднина“- Прилеп, Орце Тодоровски, рече дека во насока на зачувување на здравјето на децата и вработените, преземени се сите неопходни активности.

„За зачувување на здравјето на децата, извршени се три дезинфекции, дезинсекции и дератизации, обезбедени сме со сите хигиенски средства, антибактериски сапуни и дезинфекциони бариери. Родителите не треба да се плашат, ние сме спремни за почеток на новата воспитно-образовна година. Секоја установа има свој протокол кој налага децата да бидат донесени со маски, на влезот им се мери температура, воспитачката го презема детето во точно одредено време и го враќа во време кога ќе каже родителот. Хигиената во занималните и во тоалетите се одржува на највисоко ниво“, изјави Тодоровски.

Вкупниот број на вработени во ЈОУДГ „Наша иднина“- Прилеп, кои се грижат за децата во сите објекти на установата, изнесува 180.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …