Денеска во 11 часот ќе започне собраниската пленарна седница на која на дневен ред ќе се најде Предлогот на Владата за уставни измени кои произлегуваат од Договор со Грција.

Предлогот за уставни измени во петокот беше изгласан во Комисијата за уставни прашања која расправаше два од можните десет дена. За предлогот гласаа 10 пратеници од владејачкото мнозинство додека 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија против.

Пленарната седница за уставните измени може да трае максимум десет дена по што потребно е двотретинско мнозинство за предлогот да помине.

Доколку се постигне за отворање на Уставот, допрва ќе започне постапката за уставни измени, при што на крајот на третата фаза потребно е уште една двотретинска поддршка за заокружување на процесот.

Од владејачкото мнозинство најавија дека доколку не се постигне двотретинско мнозинство за промена на уставот ќе распишат предвремени парламентарни избори. Во случај на распуштање на Собранието, според Уставот, избори се распишуваат од 45 до 60 дена. А пак Владата на која ѝ е изгласана недоверба, поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека на денешната координација на пратеничката група ќе решат како ќе настапат на парламентарната седница, меѓутоа јасно порачуваат дека пратениците нема да поддржат уставни измени за промена на уставното име на државата.

Деловникот на Собранието е поконкретен и детално во 10 членови ја објаснува процедурата и чекорите кои треба да се поминат за да се измени Уставот со амандмани.

Извор: МЕТА