Социјалдемократите со тесна победа на изборите во Германија, неколку коалиции се можни

Социјалдемократите со тесна победа на изборите во Германија, неколку коалиции се можни

Социјалдемократската партија на Германија (СДП) победи на вчерашните парламентарни избори во Германија со освоени 25,7 отсто од гласовите, наспроти демохристијанската коалиција ЦДУ/ЦСУ за која гласаа 24,1 отсто од Германците кои излегоа на изборите, јавува Дојче Веле. Првичните изборни резултати покажуваат дека социјалдемократите ќе имаат 206 пратеници во Бундестагот, додека демохристијаните освоија 196 пратеници.

„Deutschlands neues Normal“ е водечкиот текст на веб-страницата на „Шпигел“ утрово, којшто ги анализира изборните резултати од вчерашните избори. Покрај социјалдемократите, најголеми добитници се Зелените, кои со освоени 14,8 отсто од гласовите и 118 пратенички места ќе играат клучна улога во формирањето на идната германска влада. И Слободните демократи, либералната ФДП успеаја да го подобрат резултатот на национално ниво, освојувајќи 11,5 отсто од гласовите, односно 92 пратенички места.

Покрај лошите резултати на демохристијаните на досегашната канцеларка Ангела Меркел, на изборите за Бундестагот лошо помина крајнодесничарската Алијанса за Германија (АфД), која ја доби довербата од 10,3 отсто од гласовите и со тоа освои 83 пратенички места. Германската Левица освои 4,9 отсто од гласовите, но и покрај изборниот праг од 5 отсто, успеа да влезе во германскиот парламент со 39 пратеници поради освоените барем три изборни единици во Берлин и Лајпциг.

Кандидатот за нов канцелар од социјалдемократите, Олаф Шолц изјави дека резултатите се многу јасен мандат за да се обезбеди прагматична влада за Германија, ветувајќи дека земјата ќе добие нова влада до Божиќ. Сепак, кандидатот за канцелар од ЦДУ/ЦСУ, Армин Лашет најави дека и демохристијаните ќе се обидат да формираат влада во Германија.

„Шпигел“ пишува дека неколку коалиции се можни, при што најцврста според бројот на пратенички места би била досегашната коалиција помеѓу социјалдемократите, демохристијаните и зелените, која би броела 520 пратенички места. Втора по бројност, би била коалицијата помеѓу социјалдемократите, демохристијаните и либералите со 494 мандати, додека трета е онаа меѓу социјалдемократите, зелените и либералите со мнозинство од 416 пратеници. Мнозинство во Бундестагот би можело да се обезбеди и доколку демохристијаните коалицираат со зелените и либералите, но и доколку социјалдемократите и демохристијаните формираат влада меѓу себе.

Јуроњуз прогнозира дека меѓупартиските разговори може да траат со месеци пред да се формира парламентарно мнозинство што ќе ја предложи идната германска влада. Сепак, неколку факти се важни по изборите.

Социјалдемократите за прв пат по подолг период успеваат да ги победат демохристијаните на парламентарни избори. Од друга страна, коалицијата ЦДУ/ЦСУ има историски најлош резултат на парламентарни избори по Втората светска војна. Исто така, Зелените успеаја да освојат најдобар резултат во досегашната историја, додека социјалдемократите со кандидирањето на Олаф Шолц за иден канцелар за период од околу еден месец пред изборите успеаја да се искачат на првото место на изборните анкети.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Рускиот државјанин Јури Коховац денеска (22 април) беше осуден од судот во Москва на пет …