Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два месеци во Тетово владее сообраќаен хаос, а властите сè уште не најдоа решение за овој долгогодишен проблем на градот, известува Порталб.мк.
И покрај најавите на властите дека преземаат мерки, сообраќајната состојба останува практично непроменета, со долги редици и метеж на главните градски улици. И додека се соочуваат со овој сообраќаен хаос, градот остана и без двете возила за пајак-службата што ги изнајми од приватна компанија и кои ги отстрануваа лошо паркираните возила.
Според градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, пајак-службата не е функционална поради недостаток на полициски службеници на сообраќајната полиција. За ова тој решението го гледа во функционирањето на само еден пајак од јавното претпријатие, до моментот кога блокирањето на лошо паркираните возила ќе го преземе приватен оператор што ќе го ангажира општината.
„Не дека нема соработка со полицијата, но полицијата навистина нема капацитет да интервенира во секој дел од градот за отстранување на неправилно паркираните возила. Знаете дека се обидовме, а и самиот министер за внатрешни работи дојде да помогне. Повторно испративме инспектори на улиците, привремено прогласувајќи вонредна состојба за да интервенираат, но се покажа дека дури и тоа не го реши проблемот“, рече Касами.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека четворица сообраќајни полицајци биле ангажирани во две смени за да и служат на пајак-службата.
„Досега се ангажираа четири полицајци, во две смени, бидејќи на располагање се две возила на пајак службата. Но, има случаи кога едно од овие возила е вон функција и не може да функционира, па колегите се ангажираат за други обврски се додека истите не се стават во функција“, велат од СВР Тетово.
Инаку, Тетово секојдневно се соочува со сообраќаен хаос. И покрај тоа што се очекуваше решение за овој проблем со планот за мобилност, овој план постојано се одложува, иако беше објавен на 15 април. И покрај тоа што властите со години ветуваа решенија за овие проблеми, снимките од терен зборуваат поинаку. Ситуацијата се влошува уште повеќе во текот на летото и зимата, кога во градот доаѓаат печалбарите.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место