Наредено е и потребното вештачење за утврдување на причината за уривањето на настрешницата, пропустите кои доведоа кон него, како и одговорностите на лицата, наведуваат од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад
Во претходните три дена се сослушани вкупно 48 лица во врска со уривањето на настрешницата на влезот на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 14 лица, а тројца се тешко повредени, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, кое наложило денеска да се сослушаат уште пет лица.
Обвинителството наведува дека по повод трагичниот настан што се случи на 1 ноември го искористило максималниот капацитет за спроведување истражни дејствија со ангажирање на пет јавни обвинители и двајца помошници јавни обвинители.
„Претходните три дена беа сослушани вкупно 48 лица, додека наредено е денеска да бидат сослушани уште пет лица. Во истиот период од повеќе различни институции, правни и физички лица е одземена соодветна документација, чија детална анализа е во тек, а наредено е и потребното вештачење за утврдување на причината за уривањето на настрешницата, пропустите кои доведоа кон него, како и одговорностите на лицата“, наведуваат од обвинителството, а пренесуваат српските медиуми.
Од Вишото јавно обвинителство соопштиле дека по спроведената истрага, местото е расчистено, а со оглед на тоа дека се работи за јавна површина, а за обезбедување докази, градежните остатоци од урнатата настрешница, по барање на јавен обвинител, се преместени на локација која е под континуиран надзор на службените лица на Полициската управа во Нови Сад.
Пристапот до таа локација е забранет, освен со претходно одобрение на обвинителството, а исклучиво за ангажирани вештаци, заради увид, земање мостри и анализа на градежни остатоци и материјали.
Од Обвинителството потенцираат дека трагичниот настан од 1 ноември има апсолутен приоритет и дека продолжува натамошната интензивна работа со цел утврдување на сите суштински елементи на кривичните дела и кривичната одговорност за што јавноста ќе биде навремено информирана.