Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 58 седница. После подолго време, заради мерките за заштита од коронавирусот, седницата се одржа во Големата сала на Општина Прилеп, со физичко присуство на советниците.

Она кое што беше од особен интерес на граѓаните, беа усвоените измени и дополнувања на Одлуките за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните за купување на грејни тела со инвертор и велосипеди.

„Со цел да им излеземе во пресрет на што поголем број граѓани на општина Прилеп, првично планираните 4.000.000 денари за субвенционирање на инвертори ги зголемивме на 4.142.973 денари, додека на сумата од 1.000.000 денари за велосипеди, додадовме дополнителни 637.495 денари. До крајот на оваа недела, односно до петок 2 јули, субвенционираните средства ќе бидат префрлени на жиро-сметките на граѓаните“, истакна во своето обраќање градоначалникот Илија Јованоски.

На седницата беа усвоени и повеќе одлуки, меѓу кои и Програмата за организирање и функционирање на зимската служба на подрачјето на општина Прилеп за сезоната 2021/2022, Годишниот акциски план за социјална заштита, а беше донесен и заклучок за отпочнување на постапка за формирање партиципативно тело кое ќе има советодавна улога при носењето на урбанистичките планови.

„Советот ја изгласа Програмата за организирање и функционирање на зимската служба како и Годишниот акциски план за социјална заштита на општина Прилеп. Една од поважните одлуки беше измената и дополнувањето на Одлуките за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните за купување на грејни тела со инвертор и велосипеди. Со претходната Одлука беше определен максимален износ од 1.000.000 денари, кои со новата Одлука ги зголемивме на 1.637.495 денари за вкупно набавени 340 велосипеди, додека ставката од 4.000.000 денари за инвертори, се прошири на 4.142.973 денари односно субвенционирани се 415 граѓани кои набавиле грејни тела со инвертор. Она кое што сакам да истакнам е дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери не ја поддржаа ваквата одлука, односно се иззедоа од гласањето“, изјави претседателката на Совет на општина Прилеп, Еленче Ташкоска.

Советниците ги изгласаа и Одлуките за донесување на Регулациски план на ГУП за град Прилеп за четврт 5 во блок 5.2, Одлуката за определување услови и начин на давање под закуп на дел од недвижен имот кој се наоѓа на КП 15625/1 во постапка со електронско јавно наддавање, а ги усвоија и годишните планови за вработување во повеќе општински основни училишта.