Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ не прифатија еден билет да важи два часа во автобусите на ЈСП Скопје

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ не прифатија еден билет да важи два часа во автобусите на ЈСП Скопје

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во Советот на Град Скопје не ја прифатија иницијативата на Левица еден автобуски билет да важи 120 минути од првото валидирање.

Советничката од Левица, Дарја Мустафаоглу, предложи на дневен ред да се стави точка со која би се смениле правилата во јавниот превоз, така што граѓаните не би морале при менување автобус повторно да плаќаат билет.

„Во град со нередовни линии, расипани автобуси и населби без директна поврзаност дури ни во рамки на самите општини, не смее патникот да ја плаќа цената на хаосот што не го создал“, рече Мустафаоглу додавајќи дека предлогот е пракса што одамна се применува во многу европски градови.

Како пример, таа наведе дека од Волково до Бит Пазар треба да се сменат два автобуса и да се платат два билета, а со предложеното решение патникот во одреден временски период би можел да користи повеќе автобуси или да комбинира различни видови јавен превоз.

Но, иницијативата не беше ни ставена на дневен ред за да може да се расправа по неа. Мнозинството во Советот на Град Скопје, кое го имаат ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, гласаше против.

На седницата не е прифатена ниту една иницијатива на опозицијата.

Во меѓувреме Скопје сè уште е без редовен автобуски превоз, иако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изборната кампања вети дека ќе го реши проблемот.

Доцни и набавката на нови автобуси откако по втор пат пропадна тендерот што го распиша Министерството за транспорт. Ѓорѓиевски најави и изградба на проектот за Бас рапид транспорт, односно брз автобуски превоз, што го почна градоначалникот од СДСМ, Петре Шилегов, но неговата наследничка Данела Арсовска не го продолжи, а ниту Ѓорѓиевски не го најавуваше во својата изборна кампања.

Извор: Сакам да кажам