Советниците го изгласаа буџетот на Општина Прилеп за 2020 година и ја отпочнаа постапката за преземање на ФК „Победа“

Советниците го изгласаа буџетот на Општина Прилеп за 2020 година и ја отпочнаа постапката за преземање на ФК „Победа“

„Вкупните приходи на буџетот на Општина Прилеп за 2020 година се проектирани на 1.538.035.000,00 денари и се за 11 отсто поголеми во однос на буџетот за претходната година. Приходите, пак, на Основниот буџет се во висина од 684.400.000,00 денари, што претставува зголемување за 21,22 отсто од минатогодишниот буџет“, истакна градоначалникот Илија Јованоски во своето обраќање пред Советот на општина Прилеп, по однос на предложениот општински буџет за следната 2020 година.

Кога се во прашање капиталните проекти за следната година, Јованоски го рече следното:

„Во буџетот за 2020 година, 173,5 милиони денари се наменети за изградба и реконструкција на улици и локални патишта, во кои спаѓаат реконструкцијата на мостот на улица ‘Трајко Николоски’, зимското одржување и одржување на хоризонталната и вертикална сигнализација, потоа 50 милиони денари за базенот и 45 милиони денари за градинката во населба ‘Точила’, 36,6 за реконструкција на булеварот ‘Гоце Делчев’, 30 милиони за Старата прилепска чаршија, 37,6 милиони денари за изградба и одржување на паркови, зелени површини и јавната чистота и слично“, напомена градоначалникот Јованоски.

„Буџетот на Општина Прилеп за 2020 година е развоен. Тоа го потврдува фактот дека 56% од средствата од вкупниот буџет се наменети за капитални инвестиции“, истакна претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, запрашан за структурата на буџетот на Општина Прилеп за наредната, 2020 година.

„Покрај капиталните проекти кои ги спомена градоначалникот Јованоски, тука се ставките во буџетот кои се однесуваат на помошта на социјално загрозените категории на граѓани, пред се’ преку мерката за субвенционирање од 5м/3 од сметката за потрошена вода. Од аспект на заштита на животната средина, одделени се 4 милиони денари за инсталирање на инвертори, 2 милиони денари за субвенции за набавка на велосипеди, како и 2 милиони денари за реконструкција на покривите на неколку згради, односно станбени објекти во градот“, потенцираше претседателот на Советот на општина Прилеп, Миле Талевски.

Она што треба да се напомене, е дека членовите на општинскиот Совет ја изгласаа и Одлуката за отпочнување на постапката за преземање на ФК „Победа“ во сопственост на Општина Прилеп.

На денешната седница беа усвоени и Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Прилеп за 2020 година, финансискиот план на ЈКП „Пазари“ и ЈОУ Дом за стари лица „Кири Крстески-Платник“, како и Одлуката за определување бесплатен градски превоз за пензионери, односно лица постари од 62 години за жени и 64 за мажи.

Советниците ги изгласаа и одлуките за прифаќање на донациите за опрема и подвижни ствари и нивно давање на трајно користење на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“, односно урбаната опрема од Друштвото за управување со отпад од пакување „ПАКОМАК“ ДОО Скопје.

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …