DCIM100MEDIADJI_0019.JPG

Советот го усвои буџетот на Општина Прилеп за 2021 година

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 51 седница, на која беа разгледани повеќе прашања од интерес на граѓаните.

Главното прашање по кое дебатираа советниците, беше Предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2021 година, како и одлуката за негово извршување.

Пред советниците, Предлог-буџетот го образложи градоначалникот Илија Јованоски, кој напомена дека правната рамка од која се водел предлагачот при неговото изготвување, биле Законот за буџети и измените на Законот за финансирање на ЕЛС.

„Вкупните приходи во Предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2021 година изнесуваат 1.410.981.000,00 денари, кои во споредба со буџетот за 2020 година, бележат пад од 8.21%. Во приходите, најголемо учество имаат дотациите чиј вкупен износ е 747.6 милиони денари, потоа даночните приходи со 228 милиони, капиталните приходи со 169.5 милиони, неданочните приходи кои изнесуваат 84.7 милиони, трансферите со 122 милиони, приходите од донации во висина од 28.2 и пренесените вишоци со 30.6 милиони денари. Приходите на основниот буџет се проектирани на 547.6 милиони денари и во однос на минатогодишниот бележат намалување за 13%“, истакна во своето обраќање градоначалникот Јованоски.

Јованоски напомена дека вкупните расходи на буџетот за 2021 година се проектирани на 1.410.981.000,00 денари, при што за финансирање на основното и средното образование се планирани 679 милиони денари, за социјална заштита на деца и стари 137 милиони, за Градската библиотека 11.4 милиони, а за противпожарна заштита 26.2 милиони денари.

„Билансот на расходи на основниот буџет е проектиран во висина од 544.6 милиони денари. Со учество на капиталните расходи во износ од 255.4 милиони денари, или 46.6%, буџетот за 2021 година има исклучиво развоен карактер“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Што се однесува до капиталните проекти и програми од приоритетно значење, 114 милиони денари се наменети за изградба и реконструкција на улици и локални патишта, тротоари и пешачки патеки, зимско одржување и заштита, како и одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патиштата.

Потоа, 46.7 милиони денари се планирани за изградба на затворениот базен, 44.5 милиони за детска градинка, 30 милиони за реконструкција на Старата чаршија, 41.8 милиони за изградба и одржување на паркови и зелени површини, како и средства за изградба и реконструкција на јавното осветлување, урбанистичко планирање, набавката на автобуси за градскиот превоз, изградба на системи за водоснабдување, фекална и атмосферска канализација и изработка на проектна документација од нискоградба и високоградба, за потребите на Општината.

„Во буџетот за 2021 година извршивме алокација на средства за борба против загадувањето на животната средина и амбиенталниот воздух во износ од 6.5 милиони денари. Со овие средства ќе субвенционираме набавка на инвертор клими за греење на домаќинствата, електрични велосипеди, електрични мопеди и моторцикли, а ќе ја субвенционираме замената на азбестни табли од покривните конструкции на згради, со енергетски штедливи и еколошки одржливи материјали“, истакна Јованоски.

Покрај тоа, за поддршка на спортот и физичката култура, во буџетот се предвидени 4.5 милиони денари, како и 53.3 милиони денари буџетска поддршка за финансиска стабилност на јавните комунални претпријатија.

Истовремено, со реализација на капиталните расходи од буџетот за 2021 година, во бизнис секторот ќе бидат вратени средства во висина од околу 4.2 милиони евра, кои што, како што нагласи градоначалникот Јованоски, ќе дадат дополнителен импулс во заживувањето на локалната економија.

На денешната седница советниците ја усвоија информацијата за безбедносната состојба на подрачјето на ПС од Општа надлежност – Прилеп во текот на првото полугодие од 2020 година, како и програмите за субвенционирање на јавните комунални претпријатија и на месечните трошоци за вода на социјално ранливите категории на граѓани за 2021 година.

Членовите на општинскиот Совет ги усвоија програмите за финансирање на изработка на урбанистички планови на територијата на општина Прилеп за 2021 година и за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема.

Советниците дадоа „зелено светло“ за финансискиот план и за одлуката за почеток и завршеток на работното време на ЈОУДГ „Наша иднина“, како и за финансискиот план со планираните инвстиции и Програмата за работа на ЈП за ПУП за 2021 година.

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …