Во интервју за Алсат М Телевизија, пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, прашан во врска со настаните околу црквата во гостиварско Галате, рече дека Таравари треба да седне со Мицкоски да поразговара и да се вразумат.
Спасовски покажа фотографии на кои се гледа дека активисти на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на Таравари се дел од настаните.
- Ова е фотографија на инвеститорот, еден од поблиските соработници на господинот Таравари. Овде ќе видите уште едно момче кое е дел од раководството на локалниот клуб на ВМРО-ДПМНЕ, еден од учесниците на тие случувања кај црквата. Овде има уште една слика со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се луѓето кои беа во Галате. Ова го кажувам само за да бидат разбиени тие лаги кои се пуштаат во јавноста дека некој друг нешто пушта. Така да господинот Таравари треба да си седне со коалициониот партнер, да поразговараат на оваа тема и да се вразумат, рече Спасовски.
Спасовски осуди секаков акт којшто носи до подгревање на етнички тензии, особено кога се работи за верски објект, повика на дијалог и институционално решение.
- Сите ние треба да работиме меѓуетничките односи во државата да ги чуваме како најсвето. Оваа држава во која сите треба подеднакво да се чувствуваат, рече Спасовски, во интервју за Алсат М Телевизија.