Спасовски и Османи од Куманово: Мерките се носат во консултација со експертите, граѓаните да ги почитуваат препораките

Спасовски и Османи од Куманово: Мерките се носат во консултација со експертите, граѓаните да ги почитуваат препораките

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во придружба на заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска го посетија Куманово, како град со најголем број на заразени од коронавирусот КОВИД-19 по глава на жител.

Премиерот Спасовски и вицепремиерот Османи присуствуваа на Општинскиот кризен штаб, на кој од страна на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и останатите претставници на локалната власт беа информирани за мерките и препораките кои се преземаат во насока на спречување на ширењето на коронавирусот.

Премиерот Спасовски истакна дека врз основа на добиените информации на состанокот се разгледувани сите опции, со цел да се спроведат потребните мерките кои ќе доведат до побрзо и поуспешно надминување на оваа криза.

„Ние како Влада навремено, пред многу држави во регионот воспоставивме мерки за превентива и заштита, кои даваат резултати. Ќе направиме сè што треба да помогнеме да го заштитиме здравјето и животот на граѓаните, бидејќи тоа е наш врвен приоритет. Исто така ќе направиме сè што треба да и помогнеме на економијата, на работниците и работодавачите, со цел сите да ја преживееме оваа криза“, истакна премиерот Спасовски.

Воедно, претседателот на Влада Спасовски ги повика граѓаните да се почитуваат препораките, односно да одржуваат социјална дистанца и да останат дома.

„Колку повеќе и поуспешно ќе се почитуваат овие препораки, и ќе бидеме подисциплинирани, толку ќе имаме подобри резултати во пресекувањето на патот на ширењето на вирусот“, истакна претседателот на Владата Спасовски.

Во однос на мерките кои се преземаат, премиерот Спасовски истакна дека тие се носат врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, односно во консултација со експертите.

Во таа смисла во однос на мерките кои ќе се преземаат поспецифично за Куманово ќе зависат  од  препораките на стручните лица.

За претстојните Велигденски празници премиерот упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките, пред сè да не се групираат и да одржува физичка дистанца.

„Сега е моментот Велигденските празници да ги прославивме дома во кругот на нашите семејства и во духот на нашата традиција. Ние немаме одлука за затворање на верски објекти, ниту за непрактикување  на верата, бидејќи тоа не може да се донесе. Без разлика на состојбата во која се наоѓа државата, тоа е право кое е неприкосновено. Но, веќе и МПЦ и ИВЗ излегоа со ставови да се почитуваат препораките“, посочи премиерот Спасовски.

Вицепремиерот Османи, како главен координатор на Кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од КОВИД-19, истакна дека цел на посетата на Куманово е да се запознаат директно со состојбата во овој град, да ги пренесат владините одлуки и да се усогласат ставовите во дејствувањето со што би се ставило крај на ширењето на коронавирусот.

При посетата владините претставници изразија сочувство до блиските на починатите, а на заболените од коронавирусот КОВИД-19 им посакаа брзо закрепнување.

Воедно владините претставници упатија благодарност до здравствените работници кои се најдоа во првите редови во справувањето со оваа кризна, но и на сите припадници на државните и локалните институции за нивниот безрезервен придонес во спроведување на мерките.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …