Спасовски на стартот на работите на реконструкцијата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир

Спасовски на стартот на работите на реконструкцијата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир

Отпочнувањето на работите за реконструкцијата и рехабилитацијата на патниот правец Крива Паланка – Деве Баир, односно до граничниот премин со Република Бугарија, претседателот на Владата, Оливер Спасовски го оцени како значаен настан зашто овој патен правец е само дел од Коридорот 8, еден од најзначајниот коридори што ја поврзува оската Исток-Запад на југот на европскиот континент.

„Модернизацијата на Коридорот 8 е стратешка определба на нашата земја и заради регионалното поврзување и соработка како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија. Проектот, вклучувајќи ја и доизградбата на железницата на овој коридор, има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Пошироко, тоа е коридор кој преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија, ги поврзува Блискиот Исток и Азија со Европската Унија“, нагласи премиерот Спасовски по повод стартот на градежните работи на делницата во Крива Паланка.

На настанот на кој присуствуваа амбасадорот на Европската Унија во нашата земја Самуел Жбогар, директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје Анди Аранитаси, како донатори на дел од средствата за реконструкцијата и рехабилитацијата, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, господин Зоран Китанов, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, како и претставници на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и на компанијата „Гранит“, како изведувач на работите, премиерот Спасовски нагласи дека за посветеност на Коридорот 8 говори и фактот дека во овој момент има градежни активности по целата негова должина.

Се подготвува санацијата за патниот правец од граничниот премин Ќафасан до Струга, интензивно се одвиваат работите на изградбата на автопат Охрид –Кичево, се заврши рехабилитацијата на автопат од Скопје до Куманово, а во претстојниот период ќе отпочне рехабилитација на делницата Куманово – Страцин во должина од околу 32 километри. Паралелно тече рехабилитација на постоечкиот регионален пат Ранковце – Крива Паланка која се очекува да биде завршена до март 2020 година.

Со воспоставување на овој Коридор, рече Спасовски, ќе се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, во функција на подобрување на конкурентноста и развојот на економијата и комуникацијата со европските земји.

„Уште една причина што го прави овој настан и овој ден посебен за нашата земја, е улогата на партнерството на Европската Унија и на нејзините финансиски институции. Партнерството потврдува дека европската интеграција на Република Северна Македонија и на Западен Балкан е препознаена како геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа базирана на заеднички вредности и стандарди“, потенцираше претседателот на Владата, Оливер Спасовски.

Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, реконструкцијата на регионалниот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир е важен проект за подобрување на прекуграничната соработка и развојот на економијата во регионот.

„Овој патен правец е еден од таквите на кои гледаме како значајна алка за извоз на македонските производи. Патниот правец Паланка – Деве Баир е најфреквентен во товарниот сообраќај бидејќи транспортот на стока кон и од соседна Бугарија во најголем дел поминува на овој пат. Затоа забрзано работиме на изградба на пругата до Бељаковце и очекуваме до крај на 2020/почеток на 2021 година таа да биде завршена“, рече министерот Сугарески во своето обраќање.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов нагласи дека Изведувачот ГД Гранит ќе има рок од 24 месеци за да го изведе проектот и по проширениот пат ќе се вози најдоцна до почетокот на 2022 година.

Во својот дел од обраќањето, амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар истакна овој проект е од посебно значење за економскиот развој на самите општини од двете страни на границата меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и за самиот регион.

„Овој процес на поврзување започна во рамките на Берлинскиот процес и ЕУ верува во неговата силата затоа што преку овие проекти се остваруваат силни врски. Ова денеска е првиот дел од реализација на овој проект на кој треба да се гледа како нишката што недостасуваа за подобра поврзаност меѓу Скопје Софија, Тирана и Драч на потегот на Коридорот 8“, рече амбасадорот Жбогар.

Директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје, Анди Аранитаси, нагласи дека ЕБОР останува посветен партнер на Владата на Северна Македонија и во сите идни проекти, особено во поддршката на капиталните инфраструктурни иницијативи.

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …