Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска денеска извршија увид во работите на спортската сала во склоп на училиштето „Вера Јоциќ“ во Хиподром, Општина Гази Баба.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека еден од стратегиските столбови на Влада на Северна Македонија во изминатите три години беше поддршката на единиците на локалната самоуправа.

„Се обврзавме дека ќе пренасочиме повеќе средства кон општините, дека ќе овозможиме максимална децентрализација на власта за да го обезбедиме тоа што го очекуваат граѓаните, пристоен, достоинствен живот, со сите подобности непосредно во нивната локална заедница. Низ заедничка соработка на централната и локалната власт, низ подадена рака за соработка со граѓаните за да ги препознаеме нивните приоритети, посветивме искрено внимание за финансиска и секоја друга поддршка на стотици проекти што се остварија или се остваруваат заедно со општините. Општина Гази Баба е една од единиците на локалната самоуправа со која заеднички спроведуваме долга листа на проекти од инфраструктурата и други проекти кои значат унапредување на квалитетот на животот на граѓаните на Гази Баба“, истакна премиерот Спасовски.

На таа листа тој ги истакна и наведени завршени, реализирани и проекти во план за канцеларии како точки за поврзување на граѓаните меѓу локалната и централната власт за прашања од нивен непосреден интерес, потоа изградба на локални и меѓуопштински патни делници, училишта и градинки.

„Повеќе од 10 години учениците немаа функционална спортска сала, а наставата ја одржуваа во училишниот хол. Новата сала е на површина од 650 м2 комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш кабини. Објектот е енергетски ефикасен со овозможен пристап за лица со попреченост. Вредноста на проектот е 24 милиони денари. Со спортската сала се комплетира функционалноста на основното училиште „Вера Јоциќ“ кое беше завршено оваа година низ неговите ходници се исполни џагорот на децата. Вредноста на проектот изнесува 55 милиони денари средства на Владата. Објектот е на површина од 2.125 м2 и има 12 училници, 6 кабинети, библиотека, помошни простории и има капацитет за 600 ученици. Изведен е лифт за лица со инвалидитет и пристапни рампи. Завршивме проект кој беше заглавен во фиоките на претходната локална и централна власт, затоа што оваа Влада исполнува ветувања“, потенцираше премиерот Спасовски.

Тој потенцираше дека со ова се завршува проект кој беше заглавен во фиоките на претходната локална и централна власт, затоа што оваа Влада исполнува ветувања.

„Се реновираа или реконструираа одделни делови од основните училишта „Наум Наумовски Борче“, „25-ти Мај“. Така ќе беше и со сите веќе завршени проекти: Ја завршивме реконструкцијата на патот Јурумлери – Долно Лисиче – Драчево. Овој пат повеќе од 10 години беше целосно оштетен и не безбеден за возење. Со поддршка на Владата извршена е негова целосна реконструкција со што директно им се помогна на жителите од овие населени места, а значително е подобрена безбедноста и намалено времето за пристигнување од Јурумлери до Драчево. Истите ефекти се постигнати и со реконструкцијата на патот Хиподром – Илинден, во неговата прва фаза. Во тек се работите на патот Раштак – Бутел, кој со години е во лоша состојба, тесен и небезбеден. Со поддршка на Владата започна реконструкција на овој пат, односно негово проширување и поставување на нова асфалтна површина и изградба на потпорен ѕид“, потенцираше дел од проектите за оваа општина Спасовски.

Тој ја истакна и грижата за најмладите како врв на приоритетите на оваа Влада.

„Заврши проширувањето и реновирањето на детските градинки „Калинка“, „Морковче“ и „Темјанушка“, а во завршна фаза се проектите за изградба на нови градинки во Ќерамидница, Ченто, Трубарево и Инџиково, како и за изградба на нови училишта во Идризово, нова поликлиника во Автокоманда, и изградба на дневен центар за деца со посебни потреби и сензорна соба. Навистина е долга листата на заеднички проекти на Општина Гази Баба и Владата. Тоа е резултат на високата општествена одговорност која се демонстрира со исполнување на непосредните интереси на граѓаните. Оваа соработка нема да запре. Напротив, ќе добива позасилена динамика со напредокот на нашата земја во преговорите за членство во ЕУ“, заврши премиерот Спасовски.

Заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска истакна дека оваа сала се гради согласно најсовремените стандарди и материјали, енергетски е ефикасна и има рампа за лица со инвалидитет.

„Инвестицијата е вредна 24 милиони денари со ДДВ, а средствата се обезбедени од Буџетот на РСМ-(МОН) и со заем од Банката за Развој при Советот на Европа. Во моментот останува уште опремување со спортска опрема и реквизити, кои во услови на КОВИД треба да се дистрибуираат од странство (опрема од ЕЛАН). Се очекува салата да биде комплетно завршена за почетокот на претстојната учебна година. Наша заложба е градење на здрави генерации преку грижа за правилниот психофизички развој и спортскиот дух уште од најрана возраст, па во оваа насока е и оваа спортска сала но и воведувањето на тандем наставници по физичко образование и воспитание уште од прво одделение, воведени од учебната 2019/2020 година“, истакна Наумовска во својата изјава.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски во своето обраќање потенцираше дека Гази Баба е единствената општина каде еден претседател на Влада за само два месеци започнал две капитални проекти и дека токму тоа ја потврдува грижата на оваа Влада за Општината Гази Баба.

„После повеќе од 20 години за прв пат оваа Влада покажа вистинска грижа за Општината, давајќи поддршка во реализација на проекти преки кои можеме да ги решиме децениските проблеми на граѓаните. Учениците на основното училиште „Вера Јоциќ“ со години наставата ја одржуваа во импровизирани услови, бидејќи старата сала беше не безбедна за одржување на настава. Објектот е енергетски ефикасен, а целата инвестиција изнесува 24 милиони денари средства на Владата. Како општина завршивме со подготовката на документацијата за изградбата и на новата спортска сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, која на наредните седници ќе биде предложена до Советот и започнува со реализација“, заврши градоначалникот Георгиевски.