Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми, и со директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, направија увид во завршените работи за реновирање на блоковите В и Г во Студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Во овој студентски дом е завршено реновирањето и комплетно се уредени студентските соби со капацитет за 600 студенти, во кои се вградени нови тоалети, поставени системи за видео надзор и за превенирање од пожари, а во завршна фаза се активностите за целосно уредување на дворот. Се поставуваат нови клупи, осветлување, високо и ниско зеленило, паркинзи за точаци, рампи за контрола на влез и излез и е обезбеден пристап за специјални возила.

„Владата предводена од СДСМ и од коалицијата уште на стартот на својот мандат во 2017 година, започна сериозни и системски инвестиции за подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард и за овозможување подобри услови за студентите,за нивното секојдневие во студентските домови. Младите, учениците и студентите, се иднината на државата и затоа е потребно постојано да се вложува во нив. Најодговорно презедовме темелни иницијативи во таа насока, и продолжуваме со мерките кои значат подобри услови, повисок стандард односно подобар живот за сите млади во нашата земја“; истакна Спасовски во изјавата за медиумите.

Премиерот Спасовски соопшти дека покрај комплетираното реновирање на блоковите В и Г во „Гоце Делчев“, се работи и на големото реновирање на зградите 1 и 2 во студентската населба „Стив Наумов“, како и на уредувањето на заедничките простории за обуки и дружење на студентите во „Кузман“.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми нагласи дека Владата води континуирана грижа за унапредување на студентскиот стандард.

Директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, потенцираше дека во пакетот промени за подобар студентски стандард и за пресврт на квалитетот на студентското живеење значајни и квалитетни промени се направени во исхраната во студентските ресторани.

Во таа насока е и новото законско решение за субвенциониран оброк за сите редовни студенти кои се на додипломски студии на државните, но и на приватните универзитети во нашата држава.

Субвенцијата изнесува 2.400 денари месечно или 120 ден. дневно и ќе биде на товар на државниот буџет, а ќе се исплаќа на давателите на услуги во рестораните кои што услужиле студент.

Во изјавите за медиумите беше нагласено дека Владата и Министерството за образование и наука остануваат фокусирани на политиките за поддршка и за подобар стандард на младите и студентите, за создавање услови да се образуваат во земјата и да ги препознаат и прифатат можностите за да го дадат својот придонес за развојот и напредокот на нашата земја.