Македонскиот народен театар вчеравечер прослави осумдесет години постоење. Осумдесет години на сцената се говори, се плаче, се смее, се бунтува, се рецитира и се твори на македонски јазик. Вчеравечер, спектаклот нè потсети дека „Сонцето, колку е блиску сонцето“ била првата реплика изговорена на македонски јазик. Тоа го отвори прашањето колку сме блиску, а колку далеку ние до тие 80 години? И уште поконкретно, дали ги цениме доволно луѓето што ги носеле тие 80 години на своите плеќи?
Актерите што оставале глас и лице во улоги што станале дел од нашата колективна меморија, сценските работници што ја граделе магијата зад кулисите, уметничките работници што со дисциплина и талент ја правеле културата да изгледа лесно, а да чини многу.
Колку од тие имиња ги знаеме денес, а не само кога ќе се појават на некој постер или се дава награда во нивно име? Колку од нив ги паметиме надвор од пригодните говори? Колку ги сакаме нивните дела, не како нешто што ќе прочитаме во учебник по македонски јазик, туку како нешто што ни го оформило јазикот, вкусот, хуморот, тагата, гордоста? И колку ја цениме македонската историја што тие ја запишувале и ја изговарале од сцена, реченица по реченица, во време кога секоја реченица била доказ дека постоиме?
Режисерот Дејан Пројковски во Скопје го постави спектаклот со преку 60 актери од ансамблот на МНТ, балетски уметници, пропратено со музика од Горан Трајковски а исполнет со делата на Прличев, Чернодрински, Георгиевски, Ристо Крле, Дуковски, Горан Стефановски, Конески, Петре. М. Андреевски, Коста Рацин, Браќа Миладиновци и многу други.
Сè започна со давање на почит кон великаните како што се Петре Прличко каде што на сцена го играше млад талентиран актер во улогата на Народен пратеник. Беше придружуван од внукот на Прличев, Игор Џамбазов којшто искажа емотивна реплика.
На сцената исто така се даде почит кон Мери Бошкова во улогата на Госпоѓа министерка, каде заедно со актерката Весна Петрушевска публиката можеше да види дел од претсетавата за прв пат поставена во 1953 година.
И нормално, се оддаде почит кон Ристо Шишков. Актерот кој него го толкуваше стоеше на средина од сцената со крената глава и став кон публиката во придружба на актерот Владо Јовановски кој ја раскажуваше приказната на Шишков сè до неговите последни моменти.
Пред почетокот одеше проекција на стари фотографии од претстави како „Народен пратник“ од Бранислав Нушиќ, па сè до најновите премиери на „12“ и „Варвари“. Во таа проекција на фотографии ги видовме сите покојни и сè уште активни актери, но најмногу прикажуваше какви биле сцените и сценографиите тогаш.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место