Споменикот во чест на Горан Стефановски наскоро ќе биде поставен во Дебар Маало

Споменикот во чест на Горан Стефановски наскоро ќе биде поставен во Дебар Маало

Општина Центар заедно со семејството на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски наскоро ќе постават споменик во негова чест во Дебар Маало.

„Симболичниот споменик е веќе излеан, се наоѓа во Лондон, Велика Британија и ќе биде поставен во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој минатата година на роденденот на Стефановски – 27 април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература“ соопштија од општина Центар.

Оттаму информираат дека одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски е дел од програмата за култура на Општина Центар и со исклучок на оваа година, општината секоја година во Дебар Маало ќе го одбележува со пригоден настан.

Од неодамна функционира и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше Горан за македонската културна сцена.

Горан Стефановски роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, беше еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-Фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, “Бушава азбука“.

Годинава во чест на неговиот роденден, група уметници меѓу кои негови блиски соработници и пријатели, преку видео порака ги споделија емотивните сведоштва за писателот.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …