Спомениците ќе имаат натписи со појаснувања, химната останува иста, велат од Владата

Спомениците ќе имаат натписи со појаснувања, химната останува иста, велат од Владата

Државните институции, оние кои се финансираат од државата, ќе мора да се прилагодат и да го следат духот на договорот со Грција, одговори портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на прашањето за евентуална промена на имињата на АРМ, МАНУ, МРТ, МНТ.

Тој информираше дека средбата на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се одржи викендов. За информациите за некои нови имиња или преселби на спомениците од проектот „Скопје 2014“, Бошњаковски рече дека спомениците остануваат таму каде што се и ќе претставуваат симбол на пријателството.

-На спомениците ќе се стават натписи со појаснување. На пример Воинот на коњ ќе се вика споменик на Александар Македонски со објаснување дека е симбол на хеленскиот антички период и останува како симбол на пријателството меѓу Македонија и Грција. Истото ќе важи и за споменикот на Филип 2 и Олимпија. Сите споменици ќе бидат обележани во насока на зајакнување на пријателството. Не се срамиме да ги нарекуваме спомениците такви како што се – вели Бошњаковски.

Тој рече дека основата на договорот е како Грција го толкува и поимува терминот Македонија.

– Се прави јасна дистинкција што е прифатливо за нас и што е прифатливо за нив. Ние сме Македонци. Официјалното ново име ќе биде преведено на сите јазици. Македонскиот јазик е утврден во ОН и тој останува таков, нема да постои фуснота во ОН. Во договорот постои член во кој велиме дека македонскиот јазик е дел од јужнословенските јазици. Останува македонскиот јазик – рече Бошњаковски.

Портпаролот на Владата појасни дека државните симболи не беа дел од преговарачкиот процес и дека химната и другите симболи не се менуваат и додаде дека договорот ќе биде објавен откако ќе се разгледа и усвои на владина седница.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …