Спор во Егејот: Битка за заштитените морски подрачја

Спор во Егејот: Битка за заштитените морски подрачја

Периодот на мирни води меѓу Грција и Турција не траеше ниту цели три години.

По катастрофалниот земјотрес во Турција во февруари 2023 година и значителната поддршка која уследи од Грција, двете соседни земји се приближија и во декември 2023 година ја потпишаа Атинската декларација за пријателски односи и добрососедство. Декларацијата имаше позитивно влијание врз двата народа, но сега се чини дека тоа веќе е испарено.

Двете влади во оваа невообичаено долга фаза на затишје, не ги презедоа нужните чекори за решавање на грчко-турските спорови, првенствено во врска со демаркацијата на морските граници. Затоа сега дури и мерка која теоретски служи за заштита на животната средина, може да доведе до обновени тензии во билатералните односи.

Повод за новите тензии беше прогласувањето на два морски парка во Егејското Море и источното Средоземје од страна на Турција на 15 август. Паркот во североисточниот дел од Егејското Море опфаќа заштитено подрачје во водите меѓу грчките острови Лимнос и Самотраки. Јужниот парк се наоѓа источно од Родос и го опкружува грчкиот остров Кастелоризо.

Грција и Турција со децении спорат околу поморските граници во Егејското Море и економските и правата врз ресурсите како нафтата, кои произлегуваат од нив.

Грчкото министерство за надворешни работи експресно се огласи со реакција на објавата, нарекувајќи го прогласувањето на парковите „нелегално“. Назначување на турски морски паркови во области надвор од турските територијални води нема правно дејство, се наведува во соопштението од грчката страна. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на состанокот на кабинетот на 24 август нагласи дека сака да одржува добри односи со своите соседи, но и дека „областите под грчки суверенитет произлегуваат од меѓународното право“. Грција е „секогаш подготвена да ги брани“, наведе тој.

Конкуренција за заштита на морињата?

Пред нешто повеќе од една година Грција исто така најави два морски парка на Јонските Острови и јужните Киклади, но во рамки на грчките територијални води. Во тоа време Турција во соопштение наведе дека „едностраните мерки треба да се избегнуваат во затворени или полузатворени мориња како Егејското и Средоземното“.

Па сепак, Турција сега прогласи свои морски паркови без претходна консултација.

Грција 2025 | Плажа на Лимнос
Плажа на грчкиот остров Лимнос во североисточниот дел на Егејско Море

Морски паркови се големи морски подрачја наменети за заштита на чувствителни морски екосистеми, но се чини дека зачувувањето на природата бил само маргинален мотив за двете земји при овие најави. Доколку навистина се загрижени за морската фауна во еколошки чувствителниот Медитеран, Грција и Турција сигурно ќе најдеа начин да соработуваат за да ја заштитат. Прогласувањето на морски паркови се чини дека е нова тактика за демонстрирање на доминација во спорната поморска област – најновото поглавје во деценискиот конфликт во Егејското Море.

Доктрината „Мави Ватан“

Грција е убедена дека Турција ги користи морските паркови како средство за оспорување на суверенитетот на грчките острови и стравува дека означувањето на двата парка е дел од турската ревизионистичка догма „Мави Ватан“, што на турски значи „Сина татковина“.

Со таа доктрина Турција полага право на ексклузивни економски зони (ЕЕЗ) на Грција и Кипар, поморски области во кои една крајбрежна држава има посебни права во врска со риболовот или експлоатацијата на природните ресурси. Покрај тоа, со неа се оспорува суверенитетот на бројни грчки острови и островчиња.

Турција, Анталија 2026 | Поморска вежба „Сина татковина“ во Источниот Медитеран
Турски воен брод за време на поморската вежба „Сина татковина“ во Источниот Медитеран во април 2026 годинa

Оваа догма досега беше првенствено од теоретска и стратешка природа, а сега преку законодавни иницијативи се промовира во турското национално собрание. Турција планира да го искористи тоа за формализирање на своите претензии за поголема контрола врз делови од Егејот и источниот Медитеран.

Вечната закана

Самата Грција е задоволна со статус кво во Егејот, но се чувствува загрозена од вечно незадоволната Турција која е и значително подобро опремена на воен план. Затоа Грците имаат големи инвестиции во борбени авиони, фрегати, подморници и системи за противвоздушна одбрана.

По неколку години значително намалување на увозот на оружје, Грција е рангирана на 19-тото место меѓу најголемите светски увозници на големо оружје во периодот меѓу 2021 и 2025 година, според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања СИПРИ.

Иако Атина склучува нови или поблиски сојузи, факторот Турција секогаш игра улога, па така ситуацијата останува нестабилна.

Во 2021 година, и покрај приговорите од грчката опозиција, грчката влада испрати антиракетни системи „Патриот“ во Саудиска Арабија за да ги заштити саудиските рафинерии од нападите на Хутите, во време кога Саудиска Арабија и Анкара беа политички раскарани. За време на државна посета на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, премиерот Мицотакис експлицитно се осврна на „дестабилизирачката и контрапродуктивна“ улога на Турција.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во Грција
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во посета на музејот на Акропол во Атина во јули 2022 година

Односите меѓу Анкара и Ријад во меѓувреме се подобрени. На 7 август 2026 година Турција заедно со Саудиска Арабија и Пакистан, го потпишаа Пактот за одбрана од Мека, важен договор за заедничката одбрана.

„Железна купола“ за Грција

Држејќи ја Турција на око, Грција исто така влезе во стратешка соработка со Израел. И покрај огромните критики во Грција поради катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, премиерот Мицотакис до денес одржува блиски односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во грчкото Министерство за одбрана владее восхит од израелската воена технологија, а се планира и одбранбен штит над Егејското Море по урнек на израелската „Железна купола“. Проектот кој го нарекуваат „Ахилов штит“, треба да биде заштита од сите можни закани – вклучително и од соседите – и треба да биде целосно оперативен од 2029 година.

Грчкиот премиер Мицотакис досега се обидува да постигне помирувачки тон кон Турција, но во Грција ќе се избира нов парламент најдоцна до пролетта 2027 година. Колку се поблиску изборите, толку поголемо ќе биде искушението Мицотакис да се претставува како голем патриот – и значително да ја ескалира својата реторика против Турција.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Лукароска: Нула реализирани проекти и китење со туѓи перја – Проданоски го продолжува 5-годишното назадување на Прилеп

Лукароска: Нула реализирани проекти и китење со туѓи перја – Проданоски го продолжува 5-годишното назадување на Прилеп

Прес-конференција на претседателката на ОО СДСМ-Прилеп, Петра Лукароска Китење со туѓи перја, неспособност да се …