„Спорт vs дијабетес“ – трибина по повод Светскиот ден на дијабетесот

„Спорт vs дијабетес“ – трибина по повод Светскиот ден на дијабетесот

Пишува: Зоран Милошески

Во организација на Општинската организација на СДСМ – Прилеп, а по повод Светскиот ден на дијабетесот,14 Ноември, синоќа во Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа трибина на тема „Спорт vs дијабетес“.

Во своето излагање д-р Симона Ристеска, професор во СОУ „Ѓорче Петров“, зборуваше за најчестите причини за настанувањето на дијабетесот, за тоа како навремено да го откриеме и како да се справиме со оваа болест.

„Во зависност од тоа дали можеме да влијаеме на нив или не, причините се поделени на две групи. Фактори врз кои не можеме да влијаеме се возраста и наследноста. Возраст над 45 години се смета за ризичен фактор за добивање на дијабет, а наследноста подразбира дали во семејството имаме член со дијабет и, ако има, на која возраст го добил. Факторите врз кои можеме да влијаеме се телесната тежина, режимот на исхрана, физичката активност. Болеста започнува подло, често без пациентите и лекарите да знаат дека кај пациентот постои таа болест, а се открива случајно, при рутинска анализа на крвта. Доколку терапијата се прима редовно, луѓето кои ја имаат оваа болест можат да живеат најнормално, да имаат активен живот како и сите други. Важно е редовно да се зема терапијата, во дози какви што ги препорачал докторот и применување на хигиено-диететски режим, со правилен режим на исхрана и доволна физичка активност во текот на денот“, истакна д-р Ристеска.

Еден од воведничарите на синоќешната трибина беше и поранешниот ракометен репрезентативец на нашата држава, актуелен претседател на Комисијата за спорт на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Наумче Мојсоски. Зборувајќи за предизвиците со кои допрва ќе треба да се соочи од позицијата на прв човек на Комисијата за спорт на најголемата владејачка партија, Мојсоски напомена дека еден од приоритетите е оспособување на спортските сали за нивно функционирање и во зимскиот период.

„Тие сали мора да се оспособат, некои да се реновираат. За почеток, наидуваме на поддршка што од локалната, што од централната власт. Денеска, овде во Прилеп, разговаравме за Универзалната сала, со цел што побрзо да ја активираме. Таа претставува ‘храм’ на Прилеп, јас тука сум играл многу натпревари, во преполна сала и сега не е добро да стои така оставена. Потоа, добро е што од оваа година се воведе физичкото образование кај првоодделенците. Значајно е тие деца првенствено да израснат во здрави лица, да им дадеме некој правец и да ги оттргнеме од компјутерите и телефоните“, потенцираше Мојсоски.

Свое обраќање на трибината имаше и професорот по физичка култура, Христо Белакапоски кој ја истакна потребата од поголема физичка активност на децата и нивно занимавање со спорт бидејќи, како што тој напомена, загрижувачки е податокот дека бројот на деца со зголемена тежина, е во континуиран пораст.

Трибината имаше запазен интерактивен карактер, така што во неа со свои размислувања, прашања и коментари се вклучија голем број од присутните.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …