Спортските терени на основните училишта во Куманово се „за жалење“, не се приоритет за институциите

Спортските терени на основните училишта во Куманово се „за жалење“, не се приоритет за институциите

Порталб.мк посети четири основни училишта во градот. Она што беше забележано на терен е недостиг на кошаркарски кошеви, фудбалски мрежи, спортски терени, оштетен асфалт и многу други проблеми

Спортските терени во некои основни училишта во Куманово се во лоша состојба, без услови, а во неколку училишта има недостаток на простор и спортска опрема. Учениците бараат подобри услови, а со нив се сложуваат и вработените во училиштата. Институциите, пак, никако да најдат решение за овој проблем, пишува Порталб.мк.

Грда слика на терен

Порталб.мк посети четири основни училишта во градот – две училишта во кои учат ученици Албанци и две училишта во кои учат ученици Македонци.

Она што го видовме на терен е недостиг на кошаркарски кошеви, фудбалски мрежи, спортски терени, оштетен асфалт и многу други проблеми.

Во Основното училиште „Бајрам Шабани“ нема игралиште, недостига терен за фудбал, терен за кошарка, нема доволно места за седење, нема ниту корпи за отпадоци. Зеленило воопшто нема, а дворот на некои делови е поделен со жица, а во некои делови и неа, исто така, ја нема.

Во Основното училиште „Наим Фрашери“ со 1.200 ученици, најголем проблем е што нема доволно простор. Учениците немаат игралиште за фудбал, кошарка или одбојка. Зад училиштето има тревна површина која не може да се користи, бидејќи нема седишта за учениците, а ниту катче со реквизити.

Рига Хасани, ученичка од деветто одделение во Основното училиште „Бајрам Шабани“ рече дека училишниот двор треба да биде подобро асфалтиран, за да не се сопнуваат кога одат по него, не можат да излезат во дворот, бидејќи немаат доволно простор.

„За првачињата нема игралиште со реквизити, а за децата со посебни потреби би било добро да имаме можности за повеќе активности. Ретко излегуваме во училишниот двор за време на одморот бидејќи немаме многу простор. Да беше добро уреден, да беше убаво покриен со трева, можеби за време на големиот одмор немаше да имаме потреба да излегуваме по кафулињата или на други места“, рече Рига.

Алпи Шабани, друг ученик од истото училиште, вели дека во нивното училиште немаат многу зеленило.

„Моја голема желба е да имаме и кошаркарско игралиште и фудбалско игралиште, предметот по физичко образование да го реализираме надвор. Нема доволно места за седење, немаме каде да седиме за време на големиот одмор, мора да се вратиме во училницата за да ја јадеме храната“, рече Алпи Шабани.

Вработените во училиштата свесни за проблемите

Порталб.мк разговараше со директорката на Основното училиште „Бајрам Шабани“, Берѓуле Салији. Таа кажа дека не се во можност за средување на кошаркарското игралиште, поради недостаток на елементите потребни за нивните ученици, па во моментот местото го користат како паркинг.

„Како прво, овој простор е неискористен, потоа во дворот има неколку дрвја, зеленило, но треба да има повеќе, во дворот каде што децата излегуваат за време на големиот одмор нема места каде што тие ќе можат да седнат. Но, сме имале помош и од други институции, но само за поправање на некои ситници, но не и за некоја голема промена. За ова време во коешто јас сум вршител на должноста директор, не ни се обратил никој за таквите барања. Вреди да се напомене дека во училиштето недостигаат столови и клупи, кои се оштетуваат, ни требаат многу работи“, рече Салији.

Во Основното училиште „Вук Караџиќ“, го сретнавме директорот Ивица Ѓорѓиевски, кој ни кажа дека во нивното училиште има само 60 ученици и дека училишниот двор го користат и учениците од Основното училиште „Наим Фрашери“. Имаат само едно игралиште, а недостасува и дел со реквизити каде што децата ќе може да се забавуваат.

„Сè што е тука, не значи дека е најдобро, секогаш може да биде подобро, па сега тоа што е тука е добро. Надвор ги имаме сите услови за одржување на активностите за учениците“, рече Ѓорѓиевски.

Се сретнавме и со директорот на Основното училиште „Наим Фрашери“, Мухамет Зеќири, кој посочи дека еден од најголемите проблеми е недостигот на простор. Поради немањето простор на ова училиште, тие го користат просторот на „Вук Караџиќ“.

„Поради недостиг на простор во училишниот двор, немаме каде да ги построиме учениците, имаме еден дел зад училиштето, но за да отидат дотаму учениците треба да поминат низ вратите на Основното училиште „Вук Караџиќ“. Не бараме луксуз, бараме спортски терени за учениците од нашето училиште“, рече Зеќири.

Ги посетивме и основните училишта ”Крсте Мисирков“ и “Браќа Миладиновци“ кои функционираат во еден објект и со две смени. Ја сретнавме директорката на „Крсте Мисирков“, Александра Стаменовска, која ни кажа дека ова училиште има голем простор, имаат спортска сала и дека спортските активности се одржуваат во училишниот двор.

„Имаме голем простор за учениците од нашето училиште, имаме една спортска сала, која е изградена во 1984 година и треба да се реновира. Имаме и мала спортска сала, каде најмалите ученици вежбаат на отворено. Училишниот двор е доста голем и може да се користи за спортски активности, потребни ни се клупи и корпи за отпадоци за училишниот двор“, рече Стаменовска.

Министерството за образование се „правда“, Општина Куманово молчи

Од Министерството за образование и наука за овој проблем потенцираат дека, со процесот на децентрализација, основните и средните училишта се во надлежност на општините, а локалната самоуправа е надлежна за нивно управување и одржување.

„Министерството за образование и наука инвестира во изградба и реконструкција на училишни згради, за што покренува иницијатива самата општина, која укажува на потребата од инвестиции. Секое барање што е доставено до МОН за реализација на која било капитална инвестиција внимателно се разгледува и се донесува одлука, согласно приоритетот на потребите и расположливиот годишен буџет, каде и во кои училишта ќе се инвестира“, соопштуваат од МОН.

За овој проблем се обративме и до Општина Куманово, а од таму нè известија дека ќе ги разгледаат нашите прашања, но до објавувањето на овој текст не одговорија на новинарските прашања.

Порталб.мк известуваше и за проблемите со спортските терени во ГостиварTeтово и Чаир.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

СДСМ: Шемата за подарениот имот на Јанушев датира од 2010 години кога се набавија кинеските автобуси

СДСМ: Шемата за подарениот имот на Јанушев датира од 2010 години кога се набавија кинеските автобуси

Соопштение за јавност на СДСМ Откако пет дена се криеше од јавноста вчера Јанушев самиот …