Спуштена завесата на седмиот прилепски „Џез викенд“

Спуштена завесата на седмиот прилепски „Џез викенд“

Со настапот на македонски музичар Јаков Дренковски, французите „Ле Бал Пури“ и српската група „Деца Лоших Музичара“, синоќа во Прилеп заврши седмото издание на Интернационалниот џез фестивал „Прилеп џез викенд”. Во изминатите три дена, на летната сцена од ЦК “Марко Цепенков” продефилираа десетина ансамбли со повеќе од 40 звучни домашни и странски имиња од светот на џез музиката. Големата посетеност на сите музички настани во текот на трите фестивалски вечери, докажа дека прилепчани имаат слух за овој вид урбана музичка култура.

„Под импресии сум. Се чувствува треперење во мојот глас, зошто вечерва ќе бидат многу мои пријатели овде. Благодарен сум му на организаторот што вложи напор да стапиме во контакт и да бидам дел од ова што се случува вечерва во Прилеп. Ова е музика која опушта и кога човек ќе реши да ја слуша, навистина ужива во неа. Затоа слушајте џез“, кажа Јаков Дренковски.

„Ние доаѓаме од Франција. За прв пат сме во Македонија, пристигнавме во петокот  и имавме можност да го почувствуваме духот на фестивалот. Видовме три прекрасни концерти кои што навистина беа различни, со различни видови на џез и импровизирана музика и навистина ме воодушеви. Очекуваме и вечерва да си поминеме убаво. Им благодариме на организаторите за поканата и ова е навистина едно ново доживување не само за џез музиката, туку и ние откривме една нова земја и култура“, посочија од групата „Ле Бал Пури“.

Со тридневниот џез викенд во Прилеп кој беше во организација на Општина Прилеп, се заокружи богатото Прилепско културно лето, во чии рамки се одржаа бројни културни манифестации.

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …