Србија и Црна Гора ги збиваат редовите

Србија и Црна Гора ги збиваат редовите

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ за својата прва официјална посета ја избра Србија. Се чини дека кризата поради војната во Украина ги поттикна политичарите на двете земји да ги збијат редовите.

Дипломатските односи меѓу Србија и Црна Гора не се на завидно ниво, а таквата состојба трае од прогласувањето на црногорската независност во 2006 година. Бројни прашања ги оптоваруваат односите меѓу двете земји, а со текот на годините се отвораат и нови.

Според многумина, Белград никогаш добро не ја прифатил црногорската независност, ниту чекорите што Црна Гора ги направи како суверена држава. Признавањето на Косово, односот кон српската заедница во Црна Гора, односот кон Српската православна црква, па дури и влезот на Црна Гора во НАТО, не наидуваа на одобрување од Белград.

Ситуацијата на извесен начин кулминираше со откажување на гостопримството на амбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, кој продолжува да ја извршува оваа должност од Белград. Затоа не е чудно што црногорските лидери во изминатиот период доаѓаа во официјална посета на Србија, но од Белград веќе подолг период  никој од државниот врв не бил во официјална посета на Подгорица.

Капитулација на секуларните држави

Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ причините за толку ниското ниво на односи меѓу двете земји ги гледа пред сѐ во „срамната капитулација на две секуларни држави под влијание на црквата. Активностите на Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора и отпорот на реактивираната Црногорска православна црква (ЦПЦ), која е дел од политичкиот проект на Мило Ѓукановиќ, доведоа до тоа меѓудржавните односи на две секуларни земји да зависат од религиозни прашања“, смета Јакшиќ.

Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања, посетата на Абазовиќ на Белград и пораките што се слушнаа во таа прилика ги гледа како позитивен чекор. Сепак, тој забележува дека е прашање „колку Абазовиќ, кој владее со тенко мнозинство, ќе успее да биде гарант на некои политички договори што ќе ги постигне во Белград“.

Бешири проблемите меѓу двете земји ги гледа и како „непризнавање на црногорската државност, јазик и нација од страна на Белград и верскиот проблем со непризнавањето на ЦПЦ, а од другата страна статусот на Српската православна црква и нејзиниот имот во Црна Гора“.

Montenegro | Dritan Abazovic und Porfirije PerićЦрногорскиот премиер Абазовиќ и поглаварот на СПЦ, Порфириј во Погорица, 23.06.2022

Отворен Балкан?

Официјален Белград не е незадоволен ниту од тоа што Подгорица не сака да се приклучи на иницијативата Отворен Балкан. Сепак, Бошко Јакшиќ вели: „Мислам дека токму таа иницијатива и собир во Охрид доведе до посета на премиерот на Црна Гора во Белград“. Јакшиќ оценува дека „сега очигледно сме сведоци на промена на тој став, што е позитивен сигнал каков што не сме виделе со години“.

Некои од стравовите на Црна Гора во врска со оваа иницијатива се донекаде оправдани, посочува Наим Лео Бешири, „но успехот на оваа иницијатива првенствено ќе зависи од тоа дали ќе бидат вклучени сите земји од Западен Балкан и дали ќе се префрли на институционално ниво на соработка меѓу владите и министерствата на земјите од регионот. Засега голем недостаток на таа иницијатива е што таа остана само на политичко ниво“, забележува директорот на Институтот за европски прашања.

Nord-Mazedonien | Open Balkan Gipfel in Ohrid
Zoran Tegeltija, Vorsetzender des Ministerrats von Bosnien und Herzegowina, Aleksandar Vucic, Präsident von Serbien, Dimitar Kovacevski, Premierminister von Nord-Mazedonien, Edi Rama, Premierminister von Albanien und Dreitan Abazovic, Premierminister von MontenegroДритан Абазовиќ на самитот Отворен Балкан во Охрид беше во улога на набљудувач

Сеуште без амбасадор

Сериозен проблем кој како никој да не се обидува да го реши е фактот што Србија нема амбасадор во Црна Гора. Тоа, според Бешири, е „сигурно една од причините зошто високи српски функционери подолго време не ја посетиле Подгорица“. И Црна Гора веќе година и пол нема амбасадор во Србија.

Бошко Јакшиќ оценува дека кога би било само прашањето за амбасадорот, тоа лесно се решава, но тоа е поврзано и со некои други работи кои не се само персонален дипломатски проблем. Имајќи предвид дека Дритан Абазовиќ во Белград се сретнал и со патријархот на СПЦ, Порфириј, Бошко Јакшиќ потсетува дека „наводно е усогласен темелниот договор меѓу црногорската држава и СПЦ и мислам дека сега се очекува реакција на црквата. Доколку таа биде позитивна, тоа би можело да влијае и на натамошно подобрување на односите меѓу двете земји“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ, како и претседателот Александар Вучиќ, по средбата со Абазовиќ го истакнаа „големото ресетирање во односите“ и „вртењето нов лист“. Абазовиќ како важна работа го нагласи тоа што „претседателот Вучиќ му се јави на министерот за внатрешни работи Александар Вулин и го замоли да се промени постојната практика и од 1 јули сите црногорски граѓани да можат да доаѓаат во Србија без никакви рестрикции, нагласувајќи дека тоа се однесува и на црногорските политичари, пратеници и членови на владата“. Да потсетиме, Србија на граничниот премин ги задржуваше пратениците од Црна Гора, кои наведуваат дека причина за тоа е резолуцијата на црногорскиот парламент за геноцидот во Сребреница.

Serbien Belgrad Besuch Montenegro Ministerpräsident Dritan Abazovic mit Ana Brnabic Прашање е колку Абазовиќ, кој владее со тенко мнозинство, ќе успее да биде гарант на некои политички договори што ќе ги постигне во Белград, забележуваат аналитичарите

Збивање на редовите поради кризата

Судејќи според изјавите по средбите, фокусот бил на теми како храна, енергија и инфраструктурни проекти. Се чини дека светската криза поради војната во Украина некако ги разбуди политичарите во двете земји и дека тие сега со заеднички сили се обидуваат да ги пребродат бројните проблеми што ги очекуваат.

Наим Лео Бешири посочува дека „сигурно не е природно два пријателски народа да имаат толку ниско ниво на односи. Овие односи се ресетираат по којзнае кој пат, но да се надеваме дека ова ќе биде последен пат, бидејќи освен тие националистички причини, нема други причини поради кои двете земји не би имале максимално добри односи“, вели Бешири.

Меѓународната ситуација во овој случај има позитивно влијание врз консолидацијата на редовите во земјите од регионот, забележува Бошко Јакшиќ: „Ситуацијата очигледно ги стимулира лидерите во регионот да се обидат да најдат некакви решенија и да се подготват за проблемите што ги очекуваат, а тоа несомнено пред сѐ се прехранбената и енергетската криза“.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Поради руско влијание поништени резултатите од првиот круг претседателски избори во Романија

Поради руско влијание поништени резултатите од првиот круг претседателски избори во Романија

Според извештаите на разузнавачки служби, Романија била цел на сајбер напади, а се тврди и …