Србија и Косово потпишаа писма за намери за обновување на железничкиот и на патниот сообраќај

Србија и Косово потпишаа писма за намери за обновување на железничкиот и на патниот сообраќај

На маргините на Минхенската безбедносна конференција, Србија и Косово денеска ги потпишаа писмата за намери за повторно воспоставување на железнички сообраќај меѓу Белград и Приштина и за завршување на изградбата на автопат меѓу двата главни града. На потпишувањето на документите во Минхен присуствуваа претседателите на Србија и Косово Александар Вучиќ и Хашим Тачи, како и специјалниот претставник на САД за преговорите меѓу двете земји Ричард Гренел.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека постои напредок во односите со Приштина во однос на воспоставувањето на сообраќајните врски, што ќе овозможи слободен проток на капитал, луѓе, стока и услуги. Тој му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за помошта.

Претседателот на Косово Хашим Тачи пак посочи дека постигнувањето на договор со Србија е можно да се случи во текот на оваа година. Тачи дополни дека потпишувањето на писмата за намери се најдобра порака дека во регионот ќе има мир, економски развој и нови работни места.

Американската амбасада во Берлин на „Твитер“ објави дека дипломатот Ричард Гренел „ја отворил Минхенската безбедносна конференција со историско потпишување договор за железница и автопат меѓу Србија и Косово“.

Потпишувањето на писмата за намери за железничкиот и патниот сообраќај доаѓа откако на 20 јануари двете земји се договорија германската авиокомпанија „Еуровингс“ да воспостави авионска линија меѓу Приштина и Белград.

Железничкиот сообраќај меѓу двата главни града е во прекин од 1999 година. Во моментов сообраќаат патнички возови на „Србија воз“ од Краљево до северниот дел на Косовска Митровица, додека пругата меѓу Косовска Митровица и Приштина не функционира со години наназад. Пругата од Скопје преку Приштина и Краљево до Белград претставува крак од паневропскиот Коридор 10.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …