Србија: Веќе нема кој да ја гони власта

Србија: Веќе нема кој да ја гони власта

По преземањето на целосна контрола врз полицијата и безбедносните служби, власта во Србија се насочи и кон потчинување на правосудниот систем. Со измена на поедини закони се предвидува силно политичко влијание врз работата на поединечни обвинителства и значително ограничување на борбата против корупцијата и организираниот криминал. На удар се наоѓа особено Обвинителството за организиран криминал (ТОК), чии „упатени обвинители“ ќе бидат вратени во матичните институции — потег што, според стручњаците, всушност го блокира функционирањето на ТОК.

Паралелно, Вишото јавно обвинителство во Белград добива проширени надлежности. На чело на ова обвинителство е Ненад Стефановиќ, фигура блиска до владејачката структура.

Како што против блиски соработници на режимот сè почесто се поднесуваат обвиненија токму од страна на ТОК, измените на законите се толкуваат како јасен обид да се испразни и парализира ова обвинителство.

Уставниот суд под политички притисок

Предлагач на законските измени е пратеникот од СНС, Угљеша Мрдиќ, кој тврди дека целта е „јакнење на почитувањето на Уставот и враќање на отуѓеното обвинителство и судство под контрола на државата“.

Стручната јавност предупредува дека ваквите измени, донесени без јавна расправа и без проверка на нивната усогласеност со европските стандарди, претставуваат сериозен преседан. Од Брисел стигна јасна порака дека Србија прави „значаен чекор назад“ на патот кон членството во ЕУ и дека е неопходен „итен пресврт“.

Изјавата на претседателот на Уставниот суд, Владaн Петров, дека треба да се разрешуваат судии кои јавно се декларираат како противници на актуелната власт, предизвика жестоки реакции. Неофицијалната група „Одбрана на професијата“ побара негова смена, оценувајќи ја изјавата како скандалозна и опасна.

Протести во Србија 05.11.2025
Протестите во Србија ја притиснаа владата во ќош

„Наркокартел“ и политичка заштита

Адвокатот Бошко Прелевиќ за Дојче веле изјави: „Сведочиме на уништување на институциите, бидејќи самата власт е инволвирана во незаконски активности“. Тој го посочува случајот со запленетите 5,5 тони марихуана кај Крушевац, за што е осомничен советник на СНС.

„Кога за три дена се обидуваат да го згаснат ТОК, а тоа истото обвинителство потоа открие 5,5 тони дрога во дворот на функционер на СНС, тогаш точно знаете зошто сакаат да го уништат“, вели Прелевиќ.

Според него, Србија станала систем каков што не постои „ни во еден дел од планетата“, а со тоа станува јасно „од каде потекнуваат парите за купување гласови, корупција и политичко подмитување“.

Илузијата на демократијата се распрснува

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ оценува дека стравот во општеството почнал да исчезнува, па затоа претседателот Александар Вучиќ веќе „не се обидува да ја задржи илузијата за демократски систем“.

Како доказ го наведува и последниот став на претседателот на Уставниот суд: „Од претварање во демократија стигнавме до тоа функционерите јавно да тврдат дека законите не се важни, туку волјата на диктаторот“.

Целосната концентрација на власта, игнорирањето на судските одлуки, злоупотребата на изборните процеси и активната улога на лојалистичката полиција во прикривање на незаконитости, според експертите, ја доведуваат во прашање самата смисла на изборите.

„Прашање е кому граѓаните воопшто можат да се обратат“, вели Прелевиќ. „Ако Уставниот суд смета дека треба да се сменат судии кои го почитуваат законот, како да очекувате правда?“

Анѓелковиќ додава дека изборите во Србија се обезвреднети уште од 2014 година, а денес, според него, власта не само што ги манипулира, туку „мора брутално да ги краде и да ја користи силата за да ја заштити таа кражба“.

Делегација на Европскиот парламент се консултира со српскиот парламент за интеграцијата во ЕУ - 23.01.2026
Посета на делегацијата на Европскиот парламент во Белград

ЕУ: Србија оди наназад — Белград возвраќа со цинизам

Европската унија веќе порача дека овие законски измени се силен удар врз европските интеграции на Србија. Одговорот на властите, пак, беше циничен: Србија не можела да направи чекор назад, „зашто не направила ниту чекор напред“.

Дополнителен цинизам беше и формирањето на „оперативен тим за европски интеграции“. Раководителот на тимот, Даниел Апостоловиќ, изјави дека измените на законите ќе бидат дел од дијалог со ЕУ „во потрага по компромис“.

„Ако донесете такви закони, а потоа формирате некаков нов орган кој сака дијалог за тоа, прашањето е кој сака да ги игра овие шизофрени игри со властите во Србија. Тоа е игра во која правите нешто глупаво, а потоа прашувате што добивате ако ја повлечете таа глупост“, вели адвокатот Прелевиќ.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Горива бензини дизел

Бензините поскапуваат за 1 денар

Oд ноќеска стапуваат во сила новите малопродажни цени на нафтените деривати кои се зголемуваат, одлучиле …