Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница на Југоисточна Европа, Матеј Закоњшек.

На средбата, на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, беа изразени честитки за изборот на новата Влада, како и за новата енергија во приодот кон унапредување на транспортните прашања.

Премиерот Заев ја истакна посветеноста на Владата на европската агенда, при што посочи дека владините политики продолжуваат да се развиваат кон поголема регионална и европска интеграција, во таа насока и преку подобро и побрзо поврзување во регионот и со ЕУ.

Соговорниците констатираа дека вложувањето во квалитетен, ефикасен и економичен транспортен систем е од исклучително значење за развој на стопанството и за повисок квалитет на животот на граѓаните.

Како приоритет особено беше посочена потребата од инвестирањето во патната инфраструктура, пред сè во безбедноста на патиштата, унапредувањето на железничкиот сообраќај, особено во доизградба на пругата кон Бугарија, како и на потребата за олеснување на граничните формалности, при што како позитивен пример беше посочен интегрираниот граничен премин „Табановце“, меѓу нашата земја и Србија.

Соговорниците ја нагласија потребата од ефикасна вмреженост на транспортните системи со регионот и со Европската Унија.

Директорот Закоњшек на средбата ја изрази подготвеноста на Транспортната заедница за поддршка на Република Северна Македонија во спроведувањето на конкретни проекти, надминување на одредени прашања, како и при усвојувањето на европската легислатива и стандарди во областа на транспортот.