Средба на премиерот Заев со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за референдумот, Петерсен

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум во Република Македонија.

На средбата е разговарано за важноста за демократско спроведување на процесот и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура изјаснувањето на граѓаните.

-Посветени сме да спроведеме комплетно регуларен, транспаретен и доверлив  процес, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев посочи дека во таа насока, кампањата за референдумот е едукативна и е првенствено насочена кон објаснување на договорот од Преспа и од придобивките од евро-атлантските интеграции, како и кон мотивација на граѓаните, каков став и да имаат, да излезат и да го изразат на претстојниот референдум.

-Референдумот е можност граѓаните да го изразат својот став, но исто така укажуваме дека изјаснувањето е граѓанска должност на секој човек со право на глас, бидејќи се работи за добрата иднина на државата, рече премиерот Заев.

Тој соопшти дека големото мнозинство граѓани во Македонија, уште од прогласувањето на независноста на државата се определени за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО и изрази очекување дека оваа определба ќе се одрази на референдумот.

Премиерот Заев додаде дека предреферендумската атмосфера во државата е пријатна и рече дека очекува вклучување и на опозицијата, во функција на остварувањето на стратешките државни цели и на интересот на граѓаните за просперитетна иднина.

На средбата е изразена согласност за важноста на извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум, со оглед дека Македонија очекува почеток на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата. А, претставувањето на Република Македонија како држава којашто практикува демократија, како што рече премиерот Заев, е значајно за впечатоците дека земјата се развива во добар правец, низ почитување на европските вредности.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …