Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими амбасадорот на Република Албанија, Фатос Река.

На средбата беа разменети мислења за развојот на севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Албанија и беше изразено задоволство од постојаниот напредок. Двајцата соговорници ја реафирмираа подготвеноста на двете држави за натамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, со акцент на економската област кадешто постои голем потенцијал.

Претседателот Пендаровски истакна дека двете држави споделуваат надворешно-политички приоритети, негување на добрососедски односи, соработка во рамки на регионалните иницијативи и европската перспектива. Во таа насока Претседателот изрази уверување дека Северна Македонија и Албанија ќе ја продолжат конструктивната партнерска соработка изразена преку заемната помош и поддршка во остварувањето на заедничките стратешки цели, полноправно членство во Европската Унија. Двајцата соговорници констатираа дека тоа е еден од клучните предуслови за трајна стабилност и економски просперитет на целиот регион.

Претседателот Пендаровски и амбасадорот Река се осврнаа и на актуелната состојба со COVID-19 и ја нагласија неопходноста од интензивирање на меѓудржавната соработка, со цел заедничко справување со последиците коишто произлегуваат од пандемијата.

Амбасадорот Река на претседателот Пендаровски му ја предаде честитката по повод Денот на независноста од албанскиот претседател Илир Мета.