Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими ултрамаратонката Катерина Шиповиќ, првата македонска атлетичарка која ја истрча ултрамаратонската трка Спартатлон од Атина до Спарта во должина од 246 километри.
На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со подготовките и реализацијата на учеството на Спартатлонот, што се вбројува меѓу 10-те најтешки ултрамаратонски трки во светот.
Претседателот Пендаровски упати честитки до Шиповиќ за реализираната трка, истакнувајќи дека нејзината посветеност и истрајност треба да бидат пример за сите млади атлетичари и спортисти воопшто. Според претседателот Пендаровски, особено импресионира фактот што Шиповиќ, покрај професионалната кариера, успешно се занимава со атлетика, со фокус на трки на долги дистанци – маратони, ултрамаратони и планински трки и е меѓу најтрофејните македонски атлетичари.
Шиповиќ и нејзиниот тим го запознаа претседателот Пендаровски со нејзините идни планови и активности.