Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вчера се сретна со претставници на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, претседателот Бранимир Јовановски, Софка Прчева, генералната секретарка и Драган Дојчиновски, секторски раководител.

Претставниците на Сојузот ги поздравија определбите на премиерот Заев и на Владата за вклучување на лицата со инвалидност во општетството и политиките за обезбедување еднакви шанси за сите граѓани во Македонија.

На средбата беа изнесени проблемите со коишто се соочуваат овие граѓани со години поради незаинтересираниот однос на државата, при што се договорени активна и континуирана соработка со новата Влада, како и промени со цел подобрување на нивниот квалитет на живот.

„Подготвени сме да ги вклучиме граѓаните со инвалидитет во општествените процеси и да овозможиме активно да учествуваат во општествениот развој“ рече премиерот Заев.

Претставниците на Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет се задоволни од соработката со Министерството за труд и социјална политика и нивната вклученост при носењето на измените за Законот за социјална заштита, а на состанокот со премиерот Заев беше договорен и состанок со новиот директор на Фондот за здравство со цел изнаоѓање соодветни решенија за посочените проблеми.

На средбата се разговараше за можностите за адаптација на училиштата и детските игралишта според потребите на децата со инвалидитет и со посебни потреби, околу буџетските потреби на организациите на лицата со инвалидност и можноста за зголемување на буџетот за помагала.

„Како Влада определени сме да градиме општество на еднакви граѓани и Владата подава рака кон лицата со инвалидитет и кон граѓанските организации за соработка со цел надминување на посочените проблеми“, рече претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на средбата со претставниците на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.