Средба Вучиќ-Пендаровски: Србија и Севeрна Македонија веќе немаат oтворени прашања

Средба Вучиќ-Пендаровски: Србија и Севeрна Македонија веќе немаат oтворени прашања

Северна Македонија и Србија имаат одлична соработка, негуваат исклучително добри пријателски односи и меѓу нив не постојат отворени прашања. Трговската размена е 1,5 милијари евра годишно, што верувам дека и натаму ќе расте, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата со македоснкиот претседател Стево Пендаровски во манастирот Свети Прохор Пчински.

„Заеднички работиме на олеснување на животот и на подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји. Сега разговараме за спојување преку нашите железници со што ќе бидеме уште поблиску едни до други и уште подобро поврзани“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека нема никаков проблем да каже дека, „не само што сме пријатели, туку дека како народ имаме братски односи и во секој случај, верувам дека тие односи и натаму ќе се развиваат“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател одржа билатералната средба со својот македонски колега, Пендаровски во Прохор Пчински, отакако Пендаровски денеска се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

Македонскиот претседател му заблагодари на Вучиќ што Србија од минатата година овозможила повторно чествување на Илинден во Прохор Пчински.

„Вучиќ од лани овозможи земјава повторно да го слави државниот празник каде што е формирана. Се надевам дека и натаму ќе се гледаме на ова место и ќе им оддаваме почит на нашите најголеми национални великани“, истакна Пендаровски.

Вучиќ додаде дека бил воодушевен утрово кога видел луѓе од Македонија кои зборуваат на македонски јазик.

„Ние Србите, како што знаете, ги сакаме Македонците и го сакаме македонскиот јазик и не мислиме дека не постои или не знам што. Напротив, одлично го разбираме македонскиот јазик како што знам дека и вие го разбирате и го зборувате српскиот јазик“, рече Вучиќ.

„Веќе немаме никакви отворени прашања. Ние Србите ги сакаме Македонците, ја сакаме Северна Македонија. Ништо не бараме и ништо не ни е потребно, освен уште повеќе и подобро да соработуваме. Ги немаме ние тие ситни пречки „кој што кому пред или внатре му кажал, му покажал или не“, рече Вучиќ, упатувајќи честитки по повод Илинден на македонски јазик.

Пендаровски и Вучиќ, како што најави српскиот претседател, по Прохор Пчински ќе продолжат во Врање, каде на работен ручек ќе разговараат за „натамошните чекори“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …