Средба Заев - Моравјецки: Силна поддршка од Полска за Македонија

Средба Заев – Моравјецки: Силна поддршка од Полска за Македонија

Премиерот Заев имаше работен појадок со премиерот на Република Полска, Матеус Моравјецки, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

По работниот појадок на владините делегации на двете држави, премиерите Заев и Моравјецки имаа изјави за медиумите.

Премиерот Моравјецки се заблагодари што со работната посета на премиерот Заев, за прв пат во 25-те години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, се остварува средба на премиерско ниво.

Полскиот премиер изрази поддршка на евро-атлантските интеграции на Република Македонија. Тој честиташе за постигнатиот договор со Грција, којшто, како што рече отвора можности да почнат разговори за вклучување на Македонија во ЕУ. Тој додаде дека Полска ја поддржува Македонија и во НАТО интеграциите, што, како што рече, ќе биде добро и за безбедноста во овој дел од Европа.

Премиерот Заев во изјавата прво, во име на граѓаните и Владата на Република Македонија, ја честиташе 100-годишнината од враќањето на независноста на Република Полска, што земјата ја одбележува оваа година.

Понатаму рече:

-Сакам да се заблагодарам на премиерот Моравјецки, Владата на Полска и граѓаните на Полска, за драгоцената поддршка на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, во клучните моменти кога тоа беше потребно за нашите граѓани.

Видовме дека имаме силна поддршка од Република Полска да започнеме преговори за пристапување кон ЕУ и да добиеме покана за членство во НАТО, посебно по историскиот договор што го постигнавме со Грција.

Оваа порака од Полска денеска е многу значајна за Република Македонија, ако земеме предвид дека доаѓа моменти пред Советот на ЕУ, на којшто очекуваме да се потврдат позитивните вести за започнување на преговори со ЕУ.

Одлуката за отворање пристапни преговори на Македонија со ЕУ и покана од Алијансата за влез на Македонија во НАТО, значи поголема безбедност и стабилност на целиот регион на Западен Балкан, но и на Европа и на светот.

Добрите вести за отворените евро-атлантски интеграции на Република Македонија, се силна порака и до земјите од регионот, дека реформските политики и определеноста кон затворање на билатералните прашања се препознава и вреднува од ЕУ и НАТО.

Со тоа, имаме и силен мотив да се опстои на патот на демократските процеси што единствено водат кон мирен и просперитетен свет, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, нагласи дека „за Македонија и за регионот, евро-атлантските интеграции значат и економски развој“.

-Со извесноста на интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ, бројот на заинтересирани странски инвеститори секојдневно расте, а мотивирано е и домашното стопанство дополнително да вложува, за што како Влада даваме силна поддршка.

Му соопштив на премиерот Моравјецки дека Владата на Република Македонија е насочена кон подобрување на деловната клима и работните услови, и поддршка, подеднакво за домашните и странските компании.

И во таа насока сакаме да ја продлабочиме економската соработка со Полска, којашто, гледано низ порастот на трговската размена, бележи позитивни поместувања и дава шанси за поголеми економски успеси, рече премиерот Заев.

Тој посочи на можност за соработка во делот на производство електрични автобуси и трактори, како и опрема за одбраната на АРМ.

-Воспоставувањето директна авиолинија Скопје-Варшава-Скопје, од 1 јуни, 6 дена во неделата придонесува за поинтензивна економска, туристичка и други видови соработка.

На работниот појадок беше разговарано поконкретно за зголемување на трговијата, за развој на економските односи, за поблиска соработка во одбраната, како и во други области од интерес за граѓаните на двете држави.

Македонија има искрени пријатели во Европа, Полска е еден од најголемите пријатели на нашата држава, за што благодариме, рече и на работниот појадок и во изјавата премиерот Заев, на неговиот полски колега Моравјецки.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …