Средба Заев-Помпео: Силна е американската поддршка за полноправно членство во НАТО и за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Средба Заев-Помпео: Силна е американската поддршка за полноправно членство во НАТО и за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Мајкл Р. Помпео, во рамките на неговата еднодневна официјална посета на нашата земја имаа тет-а-тет средба, откако претходно државниот секретар на САД се сретна со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Веднаш потоа се одржа и билатерална средба кога на премиерот Зоран Заев му се придружија и заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На оваа средба доминантна тема беше проекцијата за развој на соработката меѓу двете земји стратешки партнери, со посебен акцент на потенцијалот за натамошно унапредување на економските односи и за привлекување нови американски инвестиции во земјава.

Посебно внимание за време на разговорот беше посветено на успешната соработка и партнерство во доменот на одбраната, особено меѓу АРМ со Националната Гарда на Вермонт, како и во рамките на воените мисии ISAF и „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

На средбата меѓу владината делегација и државниот секретар на САД и неговата придружба, беше нагласено дека останува силната и континуирана американска поддршка за финализирањето на постапката за полноправно членство во НАТО и за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ.

Во разговорот на билатералната средба се разговараше и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот со Вашингтон како главен промотор на политиката на проширување на Алијансата со државите од Јадранската Повелба.

Интегрален текст од изјавата на премиерот Заев по повод средбата со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео

Почитуван Државен секретар на Соединетите Американски Држави,

Посподин Мајкл Помпео,

Почитувани претставници на медиумите,

Почестени сме што денес Северна Македонија е домаќин на Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, господинот Мајкл Помпео.

Оваа посета е силен сигнал за континуираната поддршка на САД за нашата земја, за нашите евро-атлантски интеграции и убава прилика уште еднаш да потврдиме дека продолжуваме да работиме заедно на понатамошно продлабочување на нашите односи и соработка.

САД се докажан пријател и поддржувач на Северна Македонија. Покрај силната политичка поддршка од независноста до денес, имаме добиено силна поддршка и преку различни проекти и програми на УСАИД за развој на демократијата, институциите и за подобрување на животот на нашите граѓани. Голем број волонтери на Мировниот корпус дадоа и даваат важен придонес во развојот на локалните заедници низ целата држава. Американскиот народ е пријател на македонскиот народ, и на сите народи коишто живеат во нашата земја.

Северна Македонија е посветен стратешки партнер на САД. Имаме силни политички и историски причини да го одржуваме и зајакнуваме нашето пријателство. Дел од нив се нашите заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и заедничките активности во борбата против тероризмот и против другите закани за мирот ширум светот. На господинот Помпео му предочив дека сме подготвени со уште посилно темпо да учествуваме во сите глобални иницијативи кои се конфронтираат на дезинформациите и на заканите по демократијата.

Со нашето полноправно членство во НАТО, нашиот придонес во таа насока ќе добие силен поттик и нова димензија. Членството во НАТО е наша суверена одлука, за која има силна натпартиска поддршка и меѓуетнички консензус. Тоа е за нас постигнување на една историска цел. Голема придобивка не само за нашата земја, туку и за зајакнување на безбедноста, слободата и демократскиот просперитет во целиот регион.

Досега Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО го ратификуваа 22 земји и ние со оптимизам очекуваме полноправно членство во НАТО во блиска иднина. Сакам да се заблагодарам на САД за недвосмислената, двопартиска поддршка за нашето членство во НАТО. За брзо ја очекуваме добрата вест дека протоколот ќе се ратификува и во САД.

Во меѓувреме целосно сме подготвени да ги прифатиме обврските за членство во НАТО. Имаме силна политичка волја буџетот за армијата да биде најмалку 2% од БДП и тоа не подоцна од 2024 година. Тие средства ќе се употребат за модернизација на нашата армија и за зајакнување на нашите капацитети и можности да придонесуваме во НАТО.

За време на нашата средба имав прилика да го информирам господиниот Помпео за нашите остварувања со кои ја ослободивме заробената држава. Поставивме нови темели и ги зајакнавме демократските вредности, институциите и правната држава. Слободата на медиумите е значително подобрена, и развиваме инклузивен процес на носење одлуки. Градиме едно општество за сите, мозаик од различности во кој нашиот фокус е ставен на економијата која овозможува шанса за подобар живот на сите граѓани.

Северна Македонија е уникатна земја во регионот затоа што нема отворени билатерални прашања со ниту еден сосед. Договорите со Бугарија и Грција беа историски одлуки и пресудни чекори за остварување на нашите стратешки цели – членството во НАТО и ЕУ.

За десетина дена ја очекуваме долгоочекуваната вест од Брисел – отворање на преговори за членство во ЕУ.

Верувам дека добрата вест од Брисел ќе влијае позитивно на целиот регион. Ќе биде испратена порака дека  Западниот Балкан е интегрален дел од Европа. Ќе биде награден напредокот на реформите и решавањето на тешките проблеми. Тоа ќе ги охрабри другите земји да покажат политичка храброст за надминување на останатите проблеми. Добрите вести за почеток на преговорите со ЕУ и за членството во НАТО се силна порака и за младите од нашата земја: Северна Македонија се менува кон подобро –  овде може да се живее добро, а развојот ќе биде побрз само ако младите се ангажирани, тука во својата земја.

За крај, сакам да нагласам дека стабилен балкански регион е од интерес за ЕУ: геополитички, безбедносно и економски. И во овој контекст, оваа посета и охрабрувањето од САД е од огромно значење за нас.

Ви благодарам.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …