Средба Заев-Саливан: Средбите со пријателите од САД придонесуваат за мир и стабилност во регионот

Средба Заев-Саливан: Средбите со пријателите од САД придонесуваат за мир и стабилност во регионот

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими во посета делегација на американскиот Стејт Департмент, предводена од Заменикот Државен Секретар Џон Саливан.

На средбата, на која од страна на Владата на РМ присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како и членови на кабинетот на Претседателот на Владата на РМ, премиерот Заев истакна дека оваа посета на висок претставник на администрацијата на САД, е уште еден доказ за постојаната и конструктивна поддршка на оваа земја за Република Македонија.

На заедничката прес конференција со Заменикот Државен Секретар Саливан, после билатералната средба меѓу двете делегации, премиерот Заев потсети дека стратешкото партнерство меѓу двете земји постојано се  афирмира со сите меѓусебни средби и посети на високо ниво. Добрите односи се зајакнуваат и на ниво на директна, непосредна соработка во повеќе области и низ заедничките учества во мисии на НАТО, каде што нашите војници, рамо до рамо со американските, учествуваат во борба против тероризмот и екстремизмот  за одржување на мирот во светот.

„За време разговорот потенцирав дека во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент кој ќе ја овозможи реализацијата на договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека нема да ги препуштиме процесите на било каква случајност. Успешната завршница во Собранието на овој процес е нашиот билет за да членство во НАТО“, информираше за средбата на прес конференцијата премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев, на конференцијата за медиумите дополни дека на средбата со заменикот државен секретар Саливан станало збор и за актуелниот процес за уставните измени во Собранието на РМ, со чија успешна завршница ќе се забрза имплементацијата на Договорот од Преспа, со што ќе се овозможи членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Владата на РМ, рече премиерот Заев на прес конференцијата, паралелно со овој процес, со иста енергија продолжува со реформите во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација за да испорача кредибилни резултати со кои ќе се потврди одлуката на Советот на ЕУ за отворање на преговори за членство во ЕУ.

Осврнувајќи се на ситуацијата во регионот, премиерот Заев нагласи дека Република Македонија останува цврсто на својата улога да биде фактор на поврзување меѓу земјите во регионот и да ги охрабрува лидерите на земјите од Западен Балкан да бидат посветени на одржување на мирот, стабилноста и регионалната соработка, и во завршницата на своето обраќање пред новинарите истакна:

„Република Македонија е охрабрена и инспирирана од секоја средба со нашите пријатели од САД. Остануваме во тесна соработка за исполнувањето на нашата стратешка цел да станеме членка на НАТО и ЕУ, за да продолжиме уште поактивно да придонесуваме во евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“.

Заменикот Државен Секретар на американскиот Стејт Департмент, Џон Саливан на прес конференцијата нагласи дека неговата посета тука и средбите што ги остварува се во името на силната поддршка на САД за храбрите одлуки што ги презедоа и реализираа премиерот Заев и другите лидери во Република Македонија, како земја која претставува клучна алка за мирот и стабилноста во регионот.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …